Утринско кафе со Катерина Ангеловска: Секој ден ми е различен

Денот ми започнува со утринска медитација. После тоа следуваат сите активности поврзани со моето милениче Џеси (златен ретривер), а тоа е еден час прошетка во парк. Оваа прошетка ја користам за будна свесност, поврзување со природата, гушкање на дрвја, афирмации, благодарност, активирање на сите сетила и прифаќање на тоа што денот ми го нуди. И денот може да започне.

Дневните планови зависат од ангажманите кои ги имам, и така се водам. Секој ден ми е различен. Ја имам таа привилегија да го работам тоа што го сакам и дневните обврски ми се уживање.

Ме мотивира љубовта, утринските ритуали, нови пријателства. Ме мотивираат разбудени битија кои доаѓаат на моите настани, ме мотивираат патувањата, добра книга, љубовта на мојот партнер. 

Ме мотивира будната свесност да живеам во светлина сега и овде. Ме мотивираат мали нешта во кои целосно уживам и ми носат радост и спокој.

Вечерта ја поминувам со моите најмили, со мојот сопруг. Сакам да бидам дома и таа атмосфера ми претставува мелем на душата. Уживам во читање на добра книга, и тоа секојдневно го правам. Од книгите црпам голема енерија и инспирација. Исто така сакам да гледам добар филм, и секогаш кога имам прилика одам и во кино, ја сакам магијата која ми ја дава големото платно.

* Катерина Ангеловска, тренер за личен развој, мотивациски говорник и автор