Утринско кафе со Елена Галика: Се будам без оптоварен ум и без брзање

Заспивам со убава мисла и со таква и се будам, без оптоварен ум и без брзање. Се будам рано наутро во 6 часот со мала утринска медитација уште од кревет и благодарност за се' околу мене. Без тој ритуал не може да ми почне денот. Првото кафе сакам да го испијам сосем сама, додека сите спијат, а потоа ги будам моите деца за на училиште. 

Не планирам ништо однапред. Можеби имам некоја груба скица за тоа како би сакала да ми тече денот и обврските, секако поголемиот дел од денот работам на некоја слика, правам скици и размислувам за концептот и темата на циклусот дела, но најчесто оставам денот да ме води. 

Како ликовен уметник мотивација наоѓам во се' околу мене. Може да ме мотивира нечија насмевка, обичен муабет, пријателите.. но спознавајќи дека се' што гледаме и се' што ни се случува е само наша проекција на она што сме ние како суштинска есенција, дека се доаѓа од нас и нема никој надвор од нас, во тој случај слободно можам да кажам дека мотивацијата ја добивам од себе. 

Не можам да кажам точно како ми завршува вечерта, затоа што секој ден е различен. Не сакам врамување на нештата за тоа како нешто треба или мора. Се водам по чувство. Со децата знаеме да останеме во кујна до подоцна правејќи нешто креативно од тесто и тоа да ни биде забава или да пуштиме музика и да играме. Видување со пријателите секако, но знам и да сликам некое дело доцна навечер ако чувтвувам потреба од тоа.

Читам книги, најчесто со духовна тематика, модерна психологија и слични теми, секако и книги врзани со ликовната уметност. Не чувстувам желба во последниве години да погледнам некој филм, зошто е тоа така не знам, но имам неколку омилени кои сум ги гледала повеќе пати и би ги гледала истите повторно.

* Елена Галика, ликовен уметник