Утринско кафе со Бојана Стојменовиќ: Патот е тежок, промените не се случуваат преку ноќ

Утрата секогаш си ги посветувам на себе и некако себично си ги чувам и негувам утринските ритуали. Денот ми почнува со тренинг на кикбокс, прошетка и планирање на денот кој претстои додека пијам горко кафе или пак чај. Често се случува и да ја прескокнам рутината и првото кафе да го испијам со патнерот или пак некој пријател кој е ранобудник. За мене, утрата ми се магични, а за дел од таа магија е одговорен кофеинот.

 Ме мотивираат многу работи, кога ќе го погледнам мојот живот и на предизвиците кои што ме чекаат ме движи мотивацијата да растам и да бидам подобра верзија за себе и за другите околу мене, да љубам, да создавам и творам, да бидам во потрага по мојата следна инспирација, да им помагам на љуѓето и да ја креирам сопствената среќа. Кога зборувам за овие работи кои ме мотивираат низ животот, мислам дека сето ова ќе има смисла еден ден, кога ќе погледам наназад и ќе имам задоволна насмевка на лицето бидејќи- живеев. Во однос на работата, ме мотивира една голема енергија, сила и визија, за некого дури и многу розева и утописка, а тоа е да направам промена во секојдневието на луѓето- со цел да бидат поздрави, посреќни и посвесни за сопственото ментално здравје. Сите работилници, отворени предавања и настани кои ги организирав изминатите години беа водени од истата мотивациска сила. Патот е тежок и знам, дека промените не се случуваат преку ноќ, но верувам дека го правам вистинското.

Убавината на мојата работа е што секој ден ми е различен и со различна динамика. Откако утринските ритуали ќе завршат тогаш започнувам со секојдневните работни задачи на Мој психолог, средби со клиенти, состаноци, одржување на Фејсбук страната и Инстаграм профилот, организирање на настани и обуки и планирање на наредните чекори. Во деновите кога работните задачи ми дозволуваат, секогаш времето го посветувам на додедукација и читање на новите трендови и истражувања во областа на психологијата.

 Вечерта секогаш ми е резервирана за партнерот, семејството или пријателите. Последнава година успеав да се организирам и избалансирам, па работата внимавам да не ја носам дома. Времето поминато со партнерот ми е драгоцено, особено дека тој ми е пред се најголема подршка за се што правам, другар, ментор, критичар. За мене вечерта е период од денот во кој го барам мирот.


Подеднакво ги сакам и книгите и филмот. Не можам да се одлучам. Читам многу, секогаш со мене во ташната носам некоја книга, па кога патувам или пак чекам ред некаде, ја вадам и читам. Ги засакав книгите уште кога бев дете, некако успевав да креирам различни светови со секоја книга која ја читам. Од друга страна, филмот за мене е едно поинакво доживување, стимул на повеќе сетила. Сега имам една непријатна но смешна ситуација- сите книги кои ги поседувам дома ми се практично прочитани и препрочитани, па се обидувам да се навикнам на електронските книги. Искрено од тој аспект сум старомодна и тешко ми оди, преферирам хартија и печатени книги, некако така ми имаат душа.


( Бојана Стојменовиќ - психолог)