Утринско кафе со Бојан Дамјановски: Ме мотивираат луѓе на кои што не им е мило за моите успеси

Денот ми почнува најпрво со добра музика, здрав доручек и насмевка на лицето затоа што секој ден е дар, нов предизвик и нова авантура. Првото кафе го пијам сам дома со моите сабајлечки ритуали доколку сум без обврски, често се случува во кола додека патувам, а одма после него уште едно со некој од моите другари, колеги или пријатели, со добар муабет, нели за да стартува денот позитивно. 

Зависи од денот, но претежно обврските ми се она што е поврзано со мојата работа и професија, состаноци, проби со бендот, припреми за престојни настапи итн. Најчесто секојдневието ми е патување од град до град проследено со настапи, добра музика и позитива. 

Ме мотивираат сите успеси кои што ми даваат сила и енергија за од петни жили да нижам уште повеќе! Ме мотивираат семејството, љубовта, музиката и искреното другарство. Ме мотивираат и луѓе на кои што не им е мило за моите успеси бидејќи тоа значи дека нешто добро правам, за жал и такви ги има. 

Денот завршува со “..од срце Ви благодарам и се гледаме за скоро” бидејќи навистина од срце сум им благодарен на луѓето кои не следат, доаѓаат и уживаат на нашите настапи, а воедно и задоволството е огромно кога гледаш ги задоволни и разиграни...може уште една песна за крај и убава вечер, па патување до наредна дестинација или дома. Доколку немам настапи гледам што повеќе време да поминувам дома, да си посветам време себеси и да полнам батерии, а често и во добра кафана или дома со моите другари. 

Искрено повеќе сум по филмовите, уживам и максимално се релаксирам во кино па и во домашна атмосвера пред TV или PC, а не дека не знам некогаш да прочитам и по некоја добра книга.


* Бојан Дамјановски- член на групата „Бијонда“