Утринско кафе со Ангела Илиева: Ме мотивираат луѓето кои не веруваат во мене

Почетокот на денот кај мене се разликува и зависи од обврските кои ме чекаат тој ден. Јас сум од оние кои не сакаат да се будат рано, па најубаво ми е кога ги оставам грижите и поспивам до подоцна. Мојата мајка е најважната личност во мојот живот, па затоа наутро одделувам време да си разменам два-три збора со неа и позитивно да го започнам денот. Лично, не сум голем обожавател на кафе. Како замена за кафе, пијам свежо цеден сок и тоа ме поттикнува да водам поздрав живот и притоа да имам повеќе енергија за претстојните обврски.

Животот ми се врти околу музиката, а деновите често ми се исполнети со проби и настапи. Најсреќна сум кога знам дека денот што следува ќе ми помине во пеење и свирење.

Како резултат на подемите и падовите низ кои сум поминала, најмногу ме мотивираат луѓето кои не веруваат во мене. Решена сум да докажам дека сакам и можам да го остварам тоа што сум го замислила. Токму неуспесите ме мотивираат да продолжам да се трудам и да не се откажувам од она што го сакам.

Во слободните денови кога немам предавања на Музичката Академија, се дружам со момчето или некоја другарка, муабетиме и уживаме. Кога сум сама, микрофонот ми е секогаш во рака. Прекрасно се чувствувам кога ќе заврши денот исполнет со обврски, бидејќи знам дека сум постигнала некаков успех, колку и да е мал.

Вечерта најчесто ја минувам со момчето. Интересно ми е да излегувам, да се шетам, и да се поврзувам со луѓето. Секогаш внимавам плановите да бидат заеднички, бидејќи само така може да си поминеме убаво и двајцата.

Голем обожавател сум на книги, бидејќи со читањето сама си правам ,,филм”. Со читањето се опуштам, си ја развивам имагинацијата и си го збогатувам вокабуларот. Понекогаш гледам и филмови, но преферирам книги и сметам дека е одличен начин со книга да се заврши денот. 


* Ангела Илиева - студент на Музичката Академија и пејачка*