Утринско Франк кафе со Снешка Д. Јаневски: Денот ми почнува и завршува со сопругот

Секојдневието во последните четири години ми се смени комплетно, откако на свет дојде мојот син,така што од човек кој обожуваше да си поспие, сега утрото ми почнува во 6 часот. Тоа значи дека јас сум алармот дома за будење, подготвувам доручек и ручек за син ми, го спремам за во градинка и откако ќе го испратам го пијам првото утринско кафе, кое понекогаш признавам го пијам на рати зошто во меѓувреме правам уште неколку работи. Мултитаскингот ми е јака страна (се смее).

Пиењето кафе во секој случај, ми е посебен момент без кој не можам. Често го пијам сама или со сопругот. Тогаш се прецизираат дел од обврските и плановите за денот и се прави организација. Претежно се подготвуваме дома, нашата работа е флексибилна и доволно е да имаме компјутер и слушалки. Со сопругот и двајцата се занимаваме со музика така што сѐ е во тој знак, се советуваме, соработуваме, имаме среќа поголемиот дел од денот го поминеме заедно. Дури и навечер кога одиме на работа, често се случува да одиме и да се вратиме заедно. Што значи денот почнува и завршува со него (се смее).

Откако ќе завршам сè во однос на домашните обврски, се обидувам да украдам време за дремка во текот на денот пред ручек, за да имам доволно енергија до полноќ - со оглед на тоа што работам навечер.

Кога доаѓа син ми од градинка целосно се посветувам нему. Играме, учиме, шетаме.. Дубаи нуди многу избор посебно за забава за децата и никогаш не е досадно, секој ден е различен.

Гледањето филмови и читањето книги ми станаа луксуз во последно време, но сепак читам на нет секојдневно, повеќе стручна литература, психологија, мотивирачки говори -ако тоа се важи и задолжително читање приказни (се смее).

Вистинска среќа е да го работиш тоа што го сакаш, јас тој благослов го имам веќе 24 години. Две децении во медиумите како водител, сега и како диџеј, отсекогаш посебен мотив ми се аплаузите, комплиментите и поддршката од публиката. Од луѓето кои ме почитуваат мене и мојата работа и ми даваат мотив да бидам уште подобра. Мотивација ми е воспитувањето на мојот син, да бидам добар пример за него. Мотивација е да сум инспирација некому, да помагам, а најмногу себеспознавањето секојдневно и надоградбата како личност. Ме инспирираат мудри, позитивни и слободни луѓе без фрустрации и полни со љубов од кои можам да учам, да бидам своја и да се смеам најгласно!

* Снешка Делимитова Јаневски, водител и диџеј