Утринско Франк кафе со Нина Ангеловска: Со трчање црпам енергија, со фитнес ослободувам стрес

Денот ми почнува брзо и организирано, без „snooze“. Немам проблем со станување, а најчесто станувам со истата мисла со која сум легнала претходната вечер. Првото утринско кафе го пијам сама додека го планирам денот и ги прелистувам обврските на дневната агенда. Многу важен дел од денот ми е спортската активност, па најчесто ако е вторник или четврток денот го започнувам со кратко 4-5км трчање од каде црпам енергија, а ако е некој од другите денови во неделата денот го завршувам со мултифункционален фитнес тренинг каде се ослободувам од било каква негативна енергија и стрес.  

Дневните планови и обврски зависат од што се случува во периодот. Еве сега на пример периодов се подготвуваше големата Grouper кампања “Дестинација: Македонија”, а во исто време со Асоцијацијата за е-трговија на Македонија ја организираме Првата годишна конференција за е-трговија во Македонија на 26-ти октомври. Во исто време имам неколку службени патувања овој месец и во исто време подготвуваме и нови проекти со Grouper и го шириме и тимот. Скоро секогаш агендата ми е прилично набиена, па немам речиси воопшто слободно време меѓу активности т.е. неиспланирано време во текот на денот. Тековните обврски вклучуваат од состаноци со тимот, соработиници, нови или постојни контакти, менаџирање, оперативни работи до говорење на различни настани.

За да може успешно да се префрлам од една на друга одговорност и да сум истовремено ефикасна во тоа, мислам дека е клучна најпрво пасијата, второ капацитетот и трето желбата за секојдневно подобрување и учење нови работи.

Кога ќе завршам со работа во 18-19 или 20 часот (зависно од денот може и подоцна, а ретко порано ) или одам на вежбање или имам некоја друштвена активност. Единството со многу добра организација можам да ја реализирам мојата секогаш амбициозна дневна агенда.

Ме мотивираат резултатите од напорната работа, предизвиканите промени и признанијата и препознаеноста на мојата напорна работа. Скоро никогаш не сум имала проблем со мотивација, а тоа мислам дека се должи на пасијата и љубовта која ја имам за работата. Мислам дека гледање мотивациски видеа креираат привремена инспирација, но не и долгорочна мотивација. Верувам дека мотивацијата е сила која доаѓа од внатре, која предизвикува акција и сите ние ја носиме или креираме во себе и за себе. Затоа мислам дека секој треба да си го најде својот извор на мотивација и добро да се грижи за него.

Вечерта ми минува динамично и скоро секој ден различно, ама скоро секогаш со партнерот. Некогаш работно до подоцните часови во канцеларија или дома, некогаш со вечера во друштво, некогаш со вежбање, некогаш со пијачка и советување со мајка ми. 

Ретко со гледање некоја серија/филм или читање книга, а уште поретко со играње на некоја „boardgame“ со друштво (ова ќе се потрудам ова да го променам зошто сум голем љубител на друштвени игри). Сакам и филмови и книги, ама многу тешко наоѓам време. Од скоро почнав да слушам аудио книги додека трчам, иако преферирам да трчам со музика.

( Нина Ангеловска- основач на Grouper.mk и претседател на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија )