Утринско Франк кафе со Александра Шекутковска: Сакам читањето како ритуал да му го пренесам на моето дете

Утринското смуди и кафе го пиеме заедно со сопругот и мојата ќерка Sуница. Ги отвараме очите, пуштаме музика, танцуваме низ целиот стан. Правиме планови кои се нашите следни патувања, соништа или се потсетуваме на некој заеднички „проект” кој сме го исполниле неодамна. Потоа се качуваме на точаците и денот може да почне. 

Во зависнот од денот дневните обврски можат да бидат различни. Некои денови значат работа во архитектонското студио, некои денови сум посветена на пишување, ажурирање на страницата „Концепт мама“, поминување време со мојата ќерка и мојот сопруг. Се трудам денот да ми е секогаш разновиден и да има доволно време за креативно изразување во мојата професија, во моето семејство и во мојот дом. Особено ми е важно да поминам низ различни простори во денот. Доколку дента сум била на работа од 9 до 6, попладнето задолжително знам да „избегам” на изложба, прошетка во природа, да се нурнам во нова книга или да се приклучам во новата игра на моето дете. 

Ме мотивира сѐ она што е креативна варијанта на тоа што луѓето го нарекуваат реален или нормален живот. Реалниот живот е она што ние го избираме за себе, секогаш постојат различни начини, избори и варијанти како да се пристапи кон одредени ситуации и да се живее сопствениот живот. Ме мотивираат патувањата, потребата од творење во различни формати, желбата за убавина и подобрување низ животот за моето семејство, најблиските, но и нашата околина. 

Почетокот на крајот на денот е во прегратката на моето дете, додека заспива. Потоа следува уште една мини листа на обврски кои треба да ги завршам, вообичаено поврзани со проектот „Концепт мама“, одговори на меилови, подготвување на постови, разработување на идеи за нови проекти. Меѓутоа најубави ми се оние завршетоци во кои можеме да разговараме со мојот сопруг далеку од целиот свет. На крајот на денот, без Нетфликс, Фејсбук, Инстаграм и слично ми се полни срцето кога можам да ја слушнам интимната размена на нашите мисли и чувства. Сѐ почесто сакам почетокот и крајот на денот да ми бидат такви, да ги поминам во возбудлив спокој. 

Во овој временски период сум повеќе посветена на книгите, особено откако ја промовиравме книгата и дневникот „Концепт мама”. Работам на неколку различни проекти од пишување па сѐ до дизајн на книги, и затоа честопати истражувам низ книжарниците и интернет порталите по различни можности за дизајн на книги, начини на пишување, цитати кои би можеле да го поткрепат мојот текст. Сакам да го зачувам вниманието и фокусот кон читањето затоа што со денешното темпо на живеење лесно е да се изгуби таа навика. Се надевам дека читањето како ритуал ќе успеам да му го пренесам на моето дете.

(Александра Шекутковска- архитект и автор на „Концепт мама“)