Утринско Франк кафе со Александра Петровска: Семејството е повредно од било која титула

Моето утро започнува во 6:30, тогаш ѕвони алармот, но многу често се случува да се разбудам и порано, веројатно навика е во прашање. Обврските кои треба да се завршат во текот на денот најчесто ги организирам од вечерта, па така утрата ги уживам во утринските ритуали, а кафето е еден од нив. Кога времето е топло, најчесто го пијам на мојата цветна тераса, а во овој период најчесто покрај прозорецот.

Тишината и пространиот видик прават посебна енергија која секое утро ја уживам. Потоа го приготвувам појадокот на мојот помал син, го подготвувам ранецот за во градинка на поголемиот син, и потоа следува будење на сопругот и дечињата и почеток на нова авантура. Секој ден е за нас нова авантура. Потоа ја чекаме нашата дадилка, која го превзема помалото синче, а ние излегуваме да си ги завршиме работните задачи. Откако се роди мојот прв син, па потоа и вториот, кариерата без размислување ја ставив во втор план. Сакав повеќе време да сум дома, покрај децата. Тоа ме прави неизмерно среќна.

По професија сум дипломиран финансов менаџер. Вработена сум во фирмата на мојот сопруг. Тоа го сметам за привилегија, бидејќи дозволено ми беше да имам повеќе време за домот и семејството. Тоа време за мене е повредно од било која титула, кариера и слично.

Игрите, прошетките, плачките, насмевките, прегратките, времето поминато во кујна приготвувајки нешто вкусно се мое секојдневие, кои ме прават да се чуствувам исполнето.

Се трудам да готвам секој ден, тоа е свежа и здрава храна. Нема поубаво од тоа кога домот мириса на нешто вкусно. Но, и покрај сите обврски не заборавам на себеси. Секој ден зграбувам минимум 2 часа само за мене. Тоа дека се нема време е само изговор. Еве јас наоѓам време. Ако се сака и правилно се организира времето, има време за сѐ.

Три пати во неделата посетувам фитнес тренинг, кога не сум во сала тогаш знам да посетам некој од нашите салони за убавина, да се опуштам со некоја масажа, или пак да излезам и да пешачам. Потоа се враќам таму од кадешто започнува сѐ. И за крајот од денот смислувам приказни за добра ноќ, бидејќи постарото синче сака приказни на тема на која тој ќе ја постави.

* Александра Наумовска Петровска, финансов менаџер