Трпи бабо за убавина

Митови за убавината на жената, пропратена со пропорциите 90-60-90, не’ следат насекаде. Значи, да се разбереме! 90 на гради можам да постигнам само ако појдам да ми ги зголемат дотичните со вградување силикони, а невиден коркач сум за одење по доктори (затоа ме лечи педијатар).  60 на струк ако постигнам, автоматски значи дека оние две погоре што ги спомнав ќе се смалат за уште еден број (што би се рекло дека слободно ќе можам градник од ќерка ми да носам). Што се однесува на 90 во колкови и подолу, да напоменам дека се’ на мене може да се исуши, ама задникот останува па што сака нека биде. Се’ на се’, излегува дека ако ми беше телото од дрво, ќе можев идеално да го сецнам, а и глина ќе завршеше работа. А како одам накај 50, така телово си се обликува ко шо ќе му текне, ич не прашувајќи ме за идеалните порпорции.

Што е уште пострашно, станува нормално да се гладува, да се држат диети и да се тера некој тренд на тоа дека победува онаа која изгледа поанорексично. Сум имала среќа во животот да не се замарам многу со обликување на телото. Секогаш сум била слаба, освен една епизода кога накачив 76 килограми и кога ми се чинеше дека одејќи во ширина, сум се скусила. Но, во принцип не внимавам колку јадам. Јадам она што ми сака душата и колку ми сака. Не можам да бројам калории, а и да се разбереме дека кога влегувате во климакс, броеле или не и воздухот ми се лепи на задников.

Пред некое време гледав слики од оние златни времиња кога и филмските ѕвезди биле машала. Мевце, облини, мхмхмхмх. Зошто женското тело треба да трпи драстични зафати или макотрпно вежбање и пазење на секој чекор што се јаде? Мажите го немаат тој проблем. Ок, вежбањето е и одржување кондиција и здравје, ама не сум сретнала маж кој знае опсесивно да се бави со тоа колку јаде, што јаде и кога јаде.

Секако дека гласам за умереност во се’. Без прејадување, без залежување, без нездрави навики кои всушност се обично прикривање на некој поголем проблем. Фазата на дебелеење е најчесто психолошка (тргнете климакс, здравствени проблеми) и бегството е или во прекумерно спиење или во прекумерно јадење, како еден вид утеха. Нејсе, она што ме загрижува не е вежбањето или пазењето на исхраната, туку посуштинскиот проблем кој е во форма на разноразни диети кои најчесто прават дисбаланс во организмот. Не можам да разберам како може да се јаде 8 часа што се сака, а следните 16 да се пие само течност. Нели сите доктори велат дека треба да се јаде умерено и во текот на целиот ден (не мислам на тоа да се џвака нешто 24 часа непрестано), туку на распоредување на оброците. Или преведено, не можам да се напукам се’ и сешто за 8 часа, а после да ми кркори стомакот. Ме фаќа нервоза кога сум гладна и не функционирам.

Можеби грешам, но мислам дека телото само си кажува што му е потребно и колку. Само треба малку повеќе да го слушаме и да сме му пријател. Изгладнување или прејадување е по мене исто опасно. Ми се има случено од премногу обврски да се заборавам да јадам и дури вечерта да ми текне дека сум прегладнета, па да се настегам со храна толку многу што цела ноќ висев во тоалетот (деталите ќе ги изоставам). Ноу гуд!

Но, ако отворите било кој часопис или интернет страница, уште од насловните страници ви се смешкаат жени и девојки кои се мазни, затегнати, витки, без целулит, брчки, свадбарки. Совршени лица, тела, животи. Да, знаеме дека има фотошоп, ама некако ми е претерано сето тоа. Впрочем, дури и најубавите жени на светот не изгледаат така како во списанијата. А нивните лица и тела стануваат синоним за совршенство кое нашите деца ќе сакаат да го постигнат.

Како на мојата 13-годишна ќерка да и’ објаснам дека не постои жена која нема барем малку меше, освен ако професионално не се занимава со спорт. Како да објаснам дека не постои кожа која е како порцелан, без ниту една точка. Како побогу да објаснам на тинејџерка во пубертет дека нема на светов гради кои се идентични и задник кој стои во висина на половината?! Џабе целото бамборење за здрава исхрана, кога треба да се има предвид фактот дека секој човек си има своја градба. Намонтирани ликови стануваат идоли на млади девојчиња кои уште од свои пубертетски денови сакаат да наликуваат на нив. Одете и објаснете после дека среќата во животот е најмалку врзана со тоа кој како изгледа и дека некоја навидум совршена жена може да е длабоко несреќна поради сликата за себе со која е оптеретена и мора да ја одржува. Објаснете дека за телото е важно да е здраво и да функционира, а не само да изгледа како песочен часовник.

Познавам жени кои долги години се откажувале од парче чоколадо и кои биле опседнати од изгледот. Кои лекот за вечната младост го бараат во естетски корекции, кои им носат моментален мир и задоволство. Познавам жени кои не можат да се помират со 2 кила отповеќе и кои душа си вадат за да ги симнат.

Од друга страна, познавам жени кои се здрави, но не се ни оддалеку совршени како оние првите, а се среќни и насмеани. Уште одамна одлучив дека нема да се потресувам за килограми и брчки, целулити и свадбарки. Дека ќе живеам умерено, ама дека нема да сум роб на општите трендови, па макар тоа значело дека за навек ќе си го шетам непропорционалниот задник на мене.

Муабетот ми е...не бидете “трпи бабо за убавина”, барем не по секоја цена. Вежбајте, мачкајте се со креми, пазете на јадењето, ама не си го јадете џигерот дека имате некоја стрија или кожата ви е опуштена на одредени места. Не постои побава жена од онаа која е насмеана, задоволна со себе и сигурна во себе. Нема поубава слика од онаа на жена која зрачи со самоувереност која не е поврзана со годините или обликот на телото. Не постои поубава жена од онаа која има сјај во очите.

Бидете такви жени. Бидете она што го сакате за вашите ќерки, здрави, живи и среќни. Бидете умерени и сакајте се себе. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтескa

Кога на жена ќе почнеш годините да и’ ги броиш
Поарно фати џаде подалеку од неа
И пули си ја својата работа
А и неа остај ја своето да го тера
Не туку чепкај онаму
Кај шо и ѓаолот не се осмелува
Оти ако сакаш жена да изгубиш
За навек да те отсака
И да не те гледа појќе ко единствен на светот да си
Само гледај ја под око и брчките број и’ ги
И задевај ја за белите влакна на глата
Та уште така наивно и невино кажи си
Дека младоста окото ти го задева
Ех, драги мој
Секојпат помлади и поубај ќе има
Во лицата мазни
И со гради кои не признаваат гравитација
Оти секојпат ќе има такви со коси раскошни
Без целулит и со кожа ко во млеко искапена
Со нозе од тука до вечноста
Секогаш ќе има поубај од онаа шо до тебе ќе биди
И еве, околу себе ги гледам и себе в огледало се пулам
Убај жени пред време овенати
Кои трката со времето ја изгубиле
А на ликот им се гледа оти ко капка роса биле
Нежни и мазни
И ден-денес дами се
Со гордо држење и со питома женственост
Со мудрост која од очите им цути
И можеби градите свенати им се
И ко ќе се насмеат имаат мрежа кај очите
Се мачат со мигрени
И нозете им отекуваат од долго стоење
Ама тие таквите баш тебе те љубат
Да, иако и ти старееш заедно со нив
И можеби косата ти опаднала
А стомакот ти се опуштил
Да, токму тебе те љубат
Иако ни твоето лице веќе не е младо
И немаш мускулесто тело
Како оној онде од рекламите
Ама имаш среќа бе пиле
Имаш среќа што една таква жена
Те љуби баш тебе
Иако си згужван во вратот
И имаш старечки пеги на рацете
Токму таа во тебе го гледа она момче кое некогаш си бил
И никојпат нема да ти признае дека и’ недостасува млад мажјак
Оти те љуби
Оти не сака да те повреди, ниту пак да те навреди сака
Оти твоите години во нејзините очи не постојат
Оти таквата жена ќе гледа секогаш зад бројот
На свеќичките кои ги дуваш
Оти е дама, оти во душата е млада
И секојпат помлада ќе е од твојата
Непресушена глад и жед за непрежалена младост
Драги мој
На жена години не и’ се бројат
И остај ја брчките со гордост да си ги носи
Оти во секоја и тебе те носи
Твоите падови
Непроспиени ноќи болен ко си бил
Сите твои неуспеси
И долгите славења за успесите
Секоја нејзина бразда на лицето е и твоја
И затоа почит да имаш
И ко ќе заспие со милост лицето да и’ го галиш
На таа што со тебе била и во добро и во зло
На таа пиле воздишките по тебе да и’ ги броиш
И насмевките со кои те дарува во текот на денот
На таа
На таа да и’ се поклониш, на жената до тебе шо стои
Шо те љуби
Што секогаш ќе те сака појќе од младоста која ти ја дала