Тихомир Поп Асановиќ ќе промовира албум во Скопје

Во понеделник, 25-ти март, точно на пладне, во музичката продавница Југотон во Скопје (ГТЦ, први кат), својот најнов албум Povratak prvoj ljubavi/ Return to the First Love, ќе го промовира легендарниот хрватски клавијатурист Тихомир Поп Асановиќ. Албумот, како двоен компакт-диск и двоен винил, е во издание на водечката дискографска куќа во регионот - Croatia Records, која по повеќе од четврт век се врати во Македонија.Освен Кроација Рекордс, ова е своевидното враќањето и на самиот Тихомир Поп Асановиќ, кој инаку е роден во Скопје, кое што доаѓа по повеќе од четири децении солистичка дискографска пауза, бидејќи од легендарниот албум ПОП (1976) поминаа 43 години, а од култниот Мајко земјо (1974), цели 45.

Тихомир Поп Асановиќ, вљубеник во џезот, рокот и фанкот, почитуван е во целиот свет, а ние го паметиме како еден од најдобрите европски клавијатуристи. Тој е некогашен член на Тајм и Септембер, а беше дел и од Југословенска Поп Селекција. Со своите бравурозни изведби ги придружуваше големите имиња на регионалната сцена: Јосипа Лисац, Бошко Петровиќ, Про Арте...

Токму со најдобрите регионални музичарите Поп го сними и новиот албум, составен од хрватски и англиски песни, како и од ново македонско музичко богатство.

Тихомир Поп Асановиќ & Пријателите е името на бендот со кој работеше на сите песни, а освен Поп, тука се и пејачката: Сабрина Хебири, гитаристот Јани Модер, басистот Давор Чрнигој и тапанарот Давид Морган.

Како гости, на албумот се најдоа: Влатко Стефановски, Аки Рахимовски, Драги Јелиќ, Радомир Михајловиќ Точак, Ненад Чанак, Ведран Божиќ, Примож Грашич, Aмир Гвицман, Драго В., Јанез Бончина, Владо Јаневски (кој напиша и дел од текстовите), Каролина Гочева, Саша Антиќ, Тоне Туоро и Винко Михиќ. Како текстописец, хрватските текстови ги потпишува угледниот рок-критичар Златко Гал.

Сите албуми на Тихомир Поп Асановиќ, во форма на лонг-плеј плочи и компакт-дискови, како и голем дел од каталогот на Кроација Рекордс, може да се најдат и во Скопје, во музичката продавница Југотон.