Те сакам до небото

Пишувана, опејувана, проколнувана, издигнувана...ЉУБОВ, единственото нешто што можело да ме извади од колосек, да месечарам и посакувам. Никогаш не сум знаела да дозирам љубов, не сум научила некои “женски” мудрости за да направам фама. Тоа ми било како нејзино обезвреднување. Нема тука трошење. Ако е вистинска љубов во прашање, тогаш сама по себе се обновува, расте, се менува во сите можни облици. Љубовта е уметност. А уметник е само оној кој е способен да даде без да се пазари или да става на кантар. Мерка за љубов нема, има само чувство кое го вади најдоброто од еден човек и кој она темното кое го има во сите нас, го обелува.

Се сметам себе за силна жена, една од онаа која јајниците си ги носи со гордост и која знае не само што сака, туку и што не сака. Животот ме научил да самувам. И ден-денес сум повеќето од времето сама. Онаа што ќе ја видите некаде со кратка и разбушавена коса, седната и куцка на лаптоп или чита нешто, таа сум. Не ми требале луѓе или гужви за да сум своја. Знам се’, од менување гума на автомобилот до ситни мајсторски работи. Се научив да бидам жена која не зависи од никого. Празнината ја пополнував со пишување, муабетење со пријатели, длабока посветеност на семејството. Но, колку и да бев растргната на сите страни, а денот ми беше краток за да завршам се’, имаше една празнина која со ништо не се пополнуваше.

ЉУБОВ...со големи букви чиј универзум нема крај. Бев убедена дека сум до некаде и хендикепирана за да се предадам целосно. А што е тоа целосно? Немав поим! Не сум сакала љубови со болка која завршува со трагедија. А бев убедена дека ако не е таква, не може да биде љубов. Можеби тоа е и оној порив на сите кои создаваат да имаат немир кој ќе ги поттикнува да пишуваат, сликаат, создаваат музика. Дури и ме плашеше помислата за љубов која би ме усреќила. А што ако престанам да пишувам? А што ако не сум своја? Милион прашалници кои вешто ги одбегнував. Добро ми е вака, ок сум. Имам се’ што сакам, потребите не ми се големи...ок е. Во моментот кога почнувате да се убедувате себе дека сте ок, а не сте опуштени да го живеете тоа ОК....не сте!

Убаво велат дека никој до сега ја немал таа среќа да биде поштеден да љуби со жар и посветеност барем еднаш во својот животен век. А не дека не сум љубела. И сум се давала, барем во тој миг сум мислела дека е тоа мојот максимум. Повторно, во рамките кои си ги имав поставено. За да се заштитам? Ах, Ано, Ано. Некогаш кога се враќам наназад си велам....со кој ум така кога не си ни била свесна дека сама сопки си имаш ставано. Мене ми беше потребна несреќна љубов. Тоа е еден вид мазохизам, од кој излегоа 3 книги. Наместо да патам дека не бев способна за поинаку (а и не знаев дека се саботирам), јас го прескокнав тој момент и се фокусирав на вадење на болката надвор. И тоа онаа болка која сама на себе си ја приредив. Човек што може сам да си направи, не може никој.

И да...се случи. Дали бев спремна? Ич. Таман ми беше се’ под конец. Ма ни љубов, ни пеперутки, ни диносауруси. Ништо не сакав. Бев мирна, или да бидам попрецизна, бев спокојна во моето незнаење дека има и поинаку. Дека има момент кога жена ќе си каже на себе...ај жити се’ одмори малку од сопствената машкост. Во ред, докажав дека умеам сама. Во ред, докажав дека сум машка жена. Во ред, докажав дека и сијалица знам сама да сменам и да мочкам стоечки. И не значи ова дека мојата теорија и пракса за независноста отиде по ѓаволите. Ама да се докажувам, веќе не! Се уморив. Ме умори таа вечна контрола врз себе и секоја своја постапка, присебноста и таа укоченост на која бев горда.

Ме умори сознанието дека можеби ќе умрам, без да си дозволам да се делам себе со некого, без да барам, изнудувам и очекувам.

Се извадив од ум, целосно. Станав едно утро со потполно нов чип во главата. Јас бев, а не бев. Истиот лик, истото тело, а внатре хаос...а во сиот тој хаос мир. Изволте, ова сум јас. Назад не се враќам, немам каде, дури ниту она моето внатрешно ЈАС, не ме сакаше повеќе таква. Како дете кое се раѓа и вдишува првпат. Ете така ми беше. Светнав однатре, како да ми се запалија сите рецептори. Искрено, поголем страв немав осетено во однос на таква емоција. Ама се осеќав своја на сосем поинаков начин. Начин кој ме успокои. Во тој миг знаев дека нема да престанам да пишувам затоа што љубам, туку дека ќе пишувам поинаку, на начин кој дури и мене ме изненади.

Никогаш не сум била покорна, дури ни како дете. Ви имам кажувано дека еден мој професор велеше дека и презимето не ми е случајно. Не се чувствувам ниту сега така. И дури не знам како да го објаснам чувството дека тоа предавање ме направи уште посилна.

Добив сила, нови крила. Умот ми е 300 на час, работам на неколку проекти истовремено, имам концентрација која ме изненади. Отсекогаш сум имала фокус, но сега ми е продлабочен. Сфатив дека наместо да глумам живот, можам да го живеам. Муабетот ми е...љубете без страв. Никој не може да ви го одземе она што го имате во себе. Никој, освен вие самите. Дозволив некој да се грижи за мене, знаејќи дека истото го можам и сама...ама не сакам. Со контролата која ме правеше контрол фрик расчистив дека ме оптеретува и дека е малку безвезе да се држам грчевито за неа. Пишувам меко, нежно, со страст, со посветеност. Одам длабоко во се’ што правам. И што е најинтересно, уште си ги чувствувам јајниците. Тука се, да имам храброст да истуркам се’, светот да го превртам и да сум си своја.

Да се предадеш, не значи да се изгубиш.

Да љубиш, не значи да се заборавиш.

Да даваш, не значи дека се трошиш.

Да си посветен, не значи дека си запоставил нешто свое.

Да се предадеш, да љубиш, да даваш и да си посветен значи само дека си пораснал во себе. Дека си научил дека и со некој можеш да бидеш ТИ, макар тоа значело и да станеш НИЕ. И секако, да љубиш до небо...без да мислиш на назад. Те љубам, ве љубам, толку било едноставно. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтескa


Оти без утроба ме оставаш
Оти ми ровариш низ умот
Оти ѕверот во мене го будиш
Оти бело знаме пред тебе кренав 
Оти на прстиве ветар им даде
Оти на грбов ме жигоса
Оти ме покори без војна
Оти на престол ме смести
Оти ко маче за шија ме држиш
Оти со нокти да гребам ме остави
Оти од тебе истекувам
Оти со мене протекуваш
Оти без сон ме остави
Оти никојпат побудна не сум била
Оти танцуваш и водиш
Оти во чекорот не ми пречиш
Оти светлина која не ме заслепува стануваш
Оти во ноќта ме утешуваш
Оти во жената детето го будиш
Оти во детето жената ја бараш
Оти тишината со тебе зборува
Оти во хаосот ред имам
Оти безмилосно ме забрзуваш
Оти без збор ме застануваш
Оти демоните крај тебе приказна се само
Оти приказните среќен крај дишат
Оти во секое “оти” смисолот ти го најдов
Оти не сакам причина да барам
Оти јас твојата женска страна сум
Оти ти мојата опачина стана
Оти денот и ноќ може да се стори
Оти со истата силина те љубам и ме болиш
Ете затоа!