Тања Станковиќ: Америка е земја на можности за секоја амбициозна личност

Нејзиното мото е дека секој треба да си ја проба среќата и да верува во своите квалитети. Пред речиси една деценија со таква мисла од Македонија замина Тања Станковиќ-Димовска, пејачка која уживаше статус на ѕвезда во златните времиња за домашната музика. Среќна е што го живее американскиот сон, но и носталгична за татковината.  

- Секогаш кога доаѓам во Скопје настојувам да се видам со сите роднини и пријатели. Се радувам на секоја средба со нив. Америка ја сакам, убаво ми е таму, но не значи дека е лесно. Овде имам многу драги луѓе, навистина една проверена екипа. Секогаш можам да сметам на нив, без разлика каква е приликата - ни изјави Станковиќ кога последен пат се врати во родната земја.

Со сопругот Игор, исто така признат музичар и со синот Џулијан живее во Чикаго. Има свое училиште, предава пијано, музичка теорија и основи на диригирање.

- Работам со околу 40 студенти и задоволна сум од постигнатите резултати. За викендите свирам оргули во протестанската црква и пеам во хорот. Работам и како студиски музичар, снимам придружни вокали во нашето, но и во уште две други студија. Во слободното време не испуштам добар концерт, а на секои четири месеци си земам краток одмор од една недела и патувам низ Северна и Јужна Америка. Задоволна сум со својот живот и благодарана на Господ за сите благослови што ми ги дава – ни раскажа таа.

Се согласува дека Америка е земја на можности за секоја амбициозна личност, како што вели, за секој човек кој сака да оди напред. Вели дека годините кога имаше успешна кариера во Македонија ќе ѝ останат како најубавиот период во нејзиниот живот.

- Поп-музиката е моја прва љубов - нагласува Станковиќ.