Тамара во три аутфита во Белград: Ношпал ја облече за наградите МАC 2020

Поп-ѕвездата Тамара Тодевска во улога на водителка ќе блесне во шик креации, потпишани од дизајнерот Александар Ношпал на регионалното доделување на музичките признанија МАC 2020, утревечер, во арената „Комбак“ во Белград. Домаќини на вечерта, покрај Тамара, ќе бидат и  Галеб Никачевиќ и Ана Радишиќ. Со регионалните ѕвезди на црвениот килим ќе разговараат водителите Николина Пишек, Бошко Јаковлевиќ и Тамара Пауновиќ.

Директниот пренос на MAC килимот почнува во 19:30, а по него ќе прошетаат повеќе од 400 познати лица од шест земји учеснички: Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина,  Македонија, Црна Гора и Словенија.

-Тамара ја замислив како шик дива и во Белгард ќе смени три аутфита. Ги правев од срце зашто ја знам од дете и знам дека ќе ја претстави нашата држава во најдобро светло.

Едниот фустан, со должина до над глуждот,  е во е во електрик сина боја, вториот фустан е здолниште од црна свилена органза со маица од црна мрежа и со корсет во електрик жолта боја, а третиот избор е смокинг костум во боја на старо злато. Мојот асистент Андреј утре ги носи во Белград, ни откри ексклузивно за „Женски магазин“ дизајнерот Ношпал.

Ношпал, како еден од најдобрите дизајнери кај нас, со 28 години дизајнерски стаж зад себе и импресивна биографија дома и во странство, беше задолжен за стајлингот на Тамара за настапот  на Евросонг лани во Тел Авив, Израел, а соработката продолжи и понатаму. Во негови креации ѕвездата блесна на Парадата на гордоста во Скопје и на приемот кај премиерот Заев по освојувањето на високото седмо место на Евросонг 2019, најдобар пласман на Македонија.

Л.Сабит