Тагата нѐ учи колку сме си потребни: Одложени сите културни настани

Македонските јавни личности на социјалните мрежи изјавија сочувство до семејствата на трагично загинатите во вчерашната автобуска несреќа која се случи кај селото Ласкарци. Многу концерти и културни настани се откажани или одложени. 

„Тагата е чувство кое не тера да сфатиме колку сме си потребни едни на други и кога животот е кошмар, а и кога е сонце и ни е убаво, и колку е скапоцен секој ден поминат во здравје и среќа“, напиша на својот Фејсбук профил пејачката Ребека.

„ Се раѓаш. Не се познаваш. Поим немаш кој си, што си. Живееш. Си одиш од овој свет. Тешко дека ќе имаш шанса да се сетиш дали си се познавал и кој си бил? Што си бил? Ќе остане по некој документ со печати на него за некој друг да види кој си бил и што си бил“, рече Петар Младеновски- Пеце, фронтменот на групата „Супехикс“.

Сочувство до семејствата на жртвите, изјавија и актерите Драган Спасов-Дац, Игор Џамбазов, пејачките Тамара Тодевска, Викторија Лоба, пејачката и актерка Тијана Дапчевиќ и многу други. 

Меѓу другите настани, одложен и е мјузиклот „Мама Миа“ во МНТ

Поради деновите на жалост, Каролина Гочева, утрешниот концерт кој требаше да се одржи во Македонската филхармонија го одложи за во недела. Концертот закажан во сабота, на 16, останува во истиот термин.

Српскиот пејач Жељко Самарџиќ кој требаше да одржи концерт во сабота, на 16 февруари, го одложува концертот за 23 февруари, во ВИП „Арената“. „Со душа го чекав овој концерт, но поради трагичната сообраќајна несреќа, го одложувам“, рече Самарџиќ во видеото во кое изјави сочувство до семејствата на загинатите. 

Концертот на Самарџиќ е одложен за 23 февруари 

Македонскиот народен театар ја откажа вечерашната изведбата на мјузиклот „Мама миа!“. Следната изведба на мјузиклот е закажана на 11 март во 20 часот. Театарот за деца и младинци, извести дека ќе бидат откажани претставите од редовниот репертоар. Театар Комедија исто така ја откажа изведбата на претставата „Вардарски пастуви“ која беше планирана за петок, се презакажува за сабота, 16 февруари. Откажана е и прес-конференцијата на екипата од наградениот филм „Медена земја“ која беше закажана за денеска во 11 часот. Од Македонската опера и балет велат дека гостувањето на балетот при МОБ во театарот во Битола, закажано за вечерва со балетската претстава „Либертанго“, се одложува. Вечерашниот симфонискиот концерт „Моја љубов“ Македонската филхармонија ќе го презакаже за понеделник, 18 јануари.