Светски ден за борба против трговијата со луѓе

Денес, на 30 јули се одбележува Светскиот ден за борба против трговијата со луѓе. Главна цел на овој ден е подигнување на свеста за страдањето на голем број лица кои се соочуваат со сексуална експлоатација, трудова експлоатација, присилно питачење, модерно ропство, трговија со органи, искористување при криумчарење и други форми на трговија со луѓе. Овој ден се одбележува од 2013 година по усвојувањето на Резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации за борба против трговија со луѓе. 

Кон бескомпромисната борба против трговијата со луѓе се вклучува и Македонското здружение на млади правници во соработка со Национална комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција на Република Северна Македонија со кампањата „Поблиску отколку што мислиш“, која се спроведува во рамки на проектот на УСАИД за заштита на правата на бегалците и мигрантите. Кампањата има за цел да придонесе за заштитата на човековите права на жртвите на трговијата со луѓе. Покрај тоа, оваа кампања се стреми да допре до сите граѓани на државата за и тие да се приклучат во глобалната борба против една од најпрофитабилните криминални акстивности во светски рамки, како и да ја подигне јавната свест за теми поврзани со жртвите на трговијата со луѓе.

Главни фактори за појавата на трговија со луѓе се корупцијата, недостатокот на работни места, нискиот степен на образование, нарушените и дисфункционални семејства, слабостите во заштитата на човековите права, неспроведувањето на политиките на владата и многу други.  

Затоа е важно секој граѓанин да се запознае со индикаторите за препознавање на трговија со луѓе и да може да идентификува потенцијални жртви на трговија со луѓе, како и да се заштити себе. За оваа цел потребно е да се организираат едукативни активности уште во училишна возраст, да се помага на жртвите од трговија со луѓе, да се алармира во соодветни институции, оваа тема да се покрива почесто во локалните медиуми и да се пријавува секој сомнителен случај.

Доколку се сомневате дека вие или некој друг во ваша близина е потенцијална жртва на трговија со луѓе пријавете го случајот веднаш на бесплатната SOS телефонска линија 0800 11 111 или на 077 811 191.

Статистичките податоци покажуваат дека и нашата држава не е имуна на ова глобално зло. Во 2018 година во Северна Македонија беа идентификувани 9 случаи на трговија со луѓе и 128 потенцијални жртви на трговија со луѓе. Најзастапени форми на трговија со луѓе во нашата држава се сексуалната експлоатација, принудното питачење, трудовата експлоатација  и криумчарењето на мигранти. Многу често овие видови на трговија на луѓе се меѓусебно испреплетени, па токму затоа овој криминал може да се јави во многу форми. Во 2019 година веќе има три нови истраги за криумчарење на мигранти во нашата држава.

Од 2015 година Министерството за внатрешни работи воведе „Црвено Копче“, апликација создадена за пријавување на злоупотреба на деца, трговија со луѓе, како и криминал од омраза и повикување на насилство. Апликацијата е наменета за пријавување на овие кривични дела од страна на жртви, но и од страна на било кој што има некакви сомненија или информации за одреден случај.

Повеќе за проектот и за кампањата „Поблиску отколку што мислиш“ можете да дознаете наwww.kazistop.mk веб-сајт наменет за едукација и подигање на свеста на граѓаните за овој глобален проблем.