Сведоци сме на квази комуникација, провидни плагијати и нула иновативност: Интервју со Марија Никовска, пи-ар експерт

Млада дама меѓу ајкули во комуникацискиот сектор, ама тие што ја познаваат велат дека нејзиниот мил изглед знае да излаже и дека таа е ајкулата. Марија Никовска (33) со импресивно меѓународно портфолио, со одличен англиски, и течен грчки и италијански јазик кои ѝ се предност во Елемент ПР како Senior Communication and Marketing Executive и како претставник на Универзитетот Шефилд во Македонија, е и дама која својот моден стил го користи како „тајно оружје“ во машкиот деловен свет.

Предновогодишно, за „Женски магазин“ откри колку дали е лесно да влезете во „чевлите“ на пи-арството и колку е важно во ова време на технологии и опседнатост од социјалните мрежи, да знаеме да го игнорираме телефонот и да се фокусираме на моментот. Да живееме.

* Дали Ве фаќа новогодишна треска?

- Секоја година! Понекогаш сакам да се преселам во продавниците за украси (се смее).

* Каде за Нова година?

- Само сакам да се одморам. Снег, планина и скијање.

* По што ќе ја паметите 2019, што сакате да заборавите, а што ќе си посакате во Новата 2020?

- Париз, конечно. Оваа година ќе ја памтам по тоа што беше најбрзата година во мојот живот. Јас уште мислам дека е март (се смее). Многу патувања, многу нови проекти, многу, многу настани. Ова беше година на настани. Апсолутно ништо не сакам да заборавам, дури и лошите моменти ми значат, од нив се учи, се станува посилен, поискусен. За новата година ќе посакам општо повеќе свест и грижа. За себе, Њујорк.

* Верувате ли во Дедо мраз?

- Дааа! Дедо Мраз постои, само доаѓа во различни облици (се смее). 

* Комуникациите се Вашата професија и „тајно оружје“ како Senior Communication and Marketing Executive  во Елемент ПР и како - претставник на Универзитетот Шефилд од Солун на локално ниво. Дали ангажманите пред Нова година се поголеми, или стандардно, преку цела година имате работа?

- До пред две три години можам да кажам дека генерално обемот на работа беше сезонски, и најзафатени периоди секогаш беа пролет и есен. 2019 беше една голема сезона на постојани ангажмани и проекти. Заборавив дека некогаш понеделник бил лош ден (се смее).

Со Елемент ПР успеавме да израснеме како full service aгенција во сите сфери - значително да го зголемиме портфолиото на клиенти во различни индустрии, да се позиционираме на пазарот како еден сериозен играч во нашиот сектор, го зголемивме тимот соодветно и успеавме да ставиме потпис на неколку исклучителни збиднувања оваа година.

* Дали во ова стресно време, ново време на технологии и опседнатост од социјалните мрежи и мобилните телефони, имаме време квалитетно да комуницираме тет-а-тет, приватно и професионално?

- Понекогаш треба да кажеме стоп. Digital detox. Посебно за одржување на приватните релации и допирот со реалноста, важно е да знаеме да го игнорираме телефонот и да се фокусираме на моментот. Да живееме. Професионално и во интерес на времето е малку потешко да се откажеме од технологијата. Но сепак, нема ништо посекси од добар разговор...

* Универзитетот Шефилд од Солун високо котираше во Македонија како отскочна даска за успешна кариера дома и во странство. Дали постои уште заинтересираност за овој универзитет меѓу македонските студенти и постдипломци?

- Канцеларијата во Скопје работи веќе осум години. Во 2019 забележавме експоненцијален раст на регрутирани студенти на Универзитетот, за сите програми и во сите оддели. Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд е одличен избор за студентите од Македонија, во однос на академскиот квалитет во комбинација со финансиските предуслови. Оваа година славиме и 30 години постоење, а одбележуваме и бројка од над 1000 дипломци во нашата држава.

* Односите со јавност, како подрачје особено кај нас, е најнедефинирано. Опфаќа сѐ или ништо. Можете ли да ни објасните зошто оваа професија толку доби на актуелност и дали навистина со нејзина помош се воздига или се руши некој имиџ?

- Нашата професија е уметност. Не е егзактна наука. А притоа не е создавање конкретно уметничко дело. Се работи за склоп на активности, кои резултираат со успешна приказна. Комплексна приказна која ја градиме секојдневно. И со секое едно наше движење, со секој еден збор комуницираме нешто за нас и ја комплетираме таа приказна.

Се' уште многу луѓе мислат дека лесно може да се снајдат во наши чевли. Но реалноста е сосема поинаква. Потоа гледаме квази комуникација за најразлични брендови, провидни плагијати и нула иновативност. Оние што тоа го препознаваме. Непрофесионализам. Или го правиме како што треба, или воопшто не го правиме. Не смее да дозволиме прогледување низ прсти. Треба многу да работиме на креативноста, на преносното значење на работите. Да внимаваме да не не' запаметат по лошиот надимак. Може навистина треба Дедо Мраз на сите да ни подари речници за Нова Година..

* Соработувате со едни од најмоќните компании кај нас. Дали во Македонија може да се пофалиме со високи корпоративни вредности, управување и однесување како во светот?

- Можеме. И цело време работиме на случајот, за унапредување на корпоративните вредности, и на општественото делување. Се' повеќе да се делува на заедницата, на општествената добросостојба. Секојдневна борба, а толку многу потреби. И компаниите се' повеќе го прифаќаат овој стил на управување. Ретко може нешто да ме изненади на нашиот пазар, но морам да кажам дека им благодарам на сите оние исклучоци кои успеваат да ми дадат нишка мотивација.

* Што е нашата предност, а на што уште треба да работиме?

- Предност е што сите се знаеме и брзо можеме да имплементираме активности кои што за големи пазари се неразбирливи. Ние сме флексибилни и брзи. Снаодливи.

Треба уште многу да работиме за да го созрееме домашниот пазар заеднички, да го издигнеме на нивото на кое што му доликува да биде. Пред се', треба да разбереме дека од огромна важност е градењето партнерски релации агенција-клиент, бидејќи на крајот на денот сите работиме за иста цел.

* Двете професии бараат максимален ангажман. Дали во животот Ве води амбицијата, високата цел или едноставно сте жена со немирен дух, типичен Овен со подзнак Лав?

- Нема нешто што не може. Има само начин и потежок начин. Најверојатно е клучна комбинацијата. За мене е исклучително тешко да седам во едно место (се смее).

* Што и кој Ве инспирира во животот и во професијата?

- Во животот неизмерна инспирација и поддршка отсекогаш се моите родители и брат ми. Професионално, има неколку личности на кои им должам многу, и сите ми се драги пријатели, кои за среќа уште живеат во Скопје. Повеќе верувам во лични односи, отколку да барам инспирација од популарни или култни личности кои никогаш не сум ги запознала. Ме инспирира знаењето.

* Која е вашата цел?

- Ултимативно препознавање и возвишување на правите вредности. Секогаш, секаде.

* Како ги полните батериите?

- Во последно време не ги полнам! Изгледа дека тоа ќе треба да ми биде еден од приоритетите во 2020, ако не и најголем.

* Живееме во време кога вештачкиот изглед повеќе се негува од природниот. Кое е вашето мислење?

- Пред сѐ и секогаш природно, барем дур се може, со исклучок на медицински потреби. Нема ништо поубаво од природната убавина. Сѐ друго за мене би било искривена слика.

* Како урбана и модерна жена, кои се вашите ритуали за убавина и изглед во секоја пригода?

- Помалку е повеќе. Квалитет пред квантитет. Комфор пред сѐ. Редовно вежбање, одржување силен имунитет, користење соодветна козметика за возраста, добра храна и вино. Среќа. Нема поголема убавина од изразот на среќата на лицето.

* Дали сметате дека модата и брендираните парчиња се преценети во Македонија, како повеќе да ве ценат по етикетите отколку по карактерот или образованието?

- Како дел од индустријата што има за цел да гради брендови, моето мислење по ова прашање е доста комплексно. Во принцип, воопшто не мислам дека било кој бренд може да биде преценет. Секој еден си има свои love брендови, коишто му го отсликуваат стилот. А карактерот и образованието секогаш ќе дојдат до израз. Јас сум оптимист и секогаш верувам дека правите вредности ќе преовладаат.

* Кои се ваши омилени модни додатоци и брендови?

- Охоо, има многу. Во последно време откритија ми се парчињата на Tory Burch, Heidi Klein, Perfect Moment и омилената и најнова закачка, Chanel Misia.

* Што треба една деловна жена да има во својот орман?

- Самодоверба!

* Пет години живеевте во Солун. Во кој град, освен Скопје би сакале да живеете?

- Не би знаела да одберам. Искрено, си го сакам Скопје. Во овој момент многу работи ме држат тука.

Лејла Сабит