Свечено доделување на наградата „ПЕГАЗ“ и промоција на „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук

Доделувањето на книжевната награда за најдобар необјавен роман на годината – „ПЕГАЗ“, ќе се одржи на 17 декември (вторник) во Музеј на Град Скопје, со почеток во 20 часот. На настанот ќе биде промовиран и победничкиот роман од конкурсот за 2019 година – „Насон прочитана книга“ од авторката Соња Манџук.

Во краткиот опис за книгата се вели: „Тоа беше мала книшка по обем, со сосема обични корици, еднобојни, но, допрени од времето, личеа на печена глина и го имаа оној карактеристичен мирис на стара хартија. Сосема обично и логично. Насловот: Adeptus Anonimus – Sommnium. Година на издавање 1890, Лондон. Издавач: Теозофско Друштво. Морав да седнам. И седнав во еден ќош. Изненадувањето ми беше огромно, но не знам дали поради него, со голема брзина во мојата глава минуваа и се менуваа и борхесовиот сон и еден одамна прочитан и заборавен сон на Јунг, а го видов и Успенски – иако не знаев како изгледа – како ù вели на една мачка: ако е ова сон, оваа мачка нека се престори во пес“.

Наградата „ПЕГАЗ“ за најдобар необјавен роман е своевидно продолжение на веќе етаблираната награда „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“.

На конкурсот, распишан од издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата „Славко Јаневски“, пристигнаа 77 ракописи. За победникот, кој беше соопштен во септември 2019 г., одлучи тричлената стручна жири-комисија, во состав: Димитар Башевски (писател и издавач), Иван Шопов (писател) и Бисера Бендевска (уредничка во „Арс Ламина“).

На свеченоста во Музеј на Град Скопје промотор на книгата ќе биде Ѕвездан Георгиевски од Фондацијата „Славко Јаневски“, а ќе се обратат и претставници од жири-комисијата како и од издавачката куќа „Арс Ламина“.

По промоцијата ќе се одржи пригоден коктел.