„Современ Стар Град“ по вторпат го оживеа историскиот Сули Ан

Долг аплауз и задоволство на многубројната публика го одбележаа синоќешното, второ по ред издание на „Современ Стар Град“ во Сули ан. Концептот со потпис на Матеа Мијановиќ на публиката ѝ обезбеди мултимедијално искуство за сите сетила од час и половина, претставено преку творбите на тринаесет млади домашни уметници.

„Среќен сум што и оваа година, со заеднички труд успеавме да го реализираме овој настан, токму тука, во Сули ан. Концептот е малку поразличен и поспецифичен од сѐ она што се нуди на домашниот културен репертоар, но публиката е задоволна, а вечерашната посетеност повторно го докажа тоа. Благодарност до младите уметници без кои овој проект не ќе можеше да се оствари, благодарност и до Министерството за култура, Градот Скопје и Факултетот за ликовна уметност за поддршката за реализирање на проектот. Продолжуваме да работиме на збогатувањето на домашната културно-уметничка сцена, а се надеваме дека овој настан ќе стане наша заедничка традиција“, истакна Матеа Мијановиќ, идеен творец на Стар Современ Град.

Покрај авторот на концептот, за сценографијата и визуелниот дел на настанот беа задолжени младите уметници Медина Хоџа, Јана Деловска и Дамјан Илиќ, а музиката во живо ја изведуваа Благоја Алачки, Михаил Грујовски, Александар Бошков и Владимир Трпчевски-Пате и вокалните уметници Кики Пецовска, Ана Мицевска и Михаела Атанасовска. Танчерскиот и кореографски дел од настанот беше изведен од современите танчери Анастасија Данчевска, Бобан Русески и Сара Цветковска.

Визуелните интервенции му дадоа на Сули ан нова димензија, задржувајќи ја оригиналноста на самата градба. Спојот на уметничките категории обезбеди несекојдневно  искуство и уживање за сите сетила на публиката, која присуствуваше на „оживувањето“ на историскиот објект.