Сонце, и денот веќе ми е убав : Утринско кафе со Ивана Гелева

Првото утринско кафе најчесто го пијам дома со миленичето (мачето Мици :)) хехе  Денот ми започнува најпрво со шолја кафе од чоколадо, а малку подоцна и еден црн чај. Кога ќе завршам со целиот тој ритуал пуштам малку музика и правам вежби за истегнување, кои што ми се доста важни за да во текот на денот се чувствувам раздвижено, што повеќе време имам за вежбите толку подобро се чувствувам во текот на целиот ден.  

Во зависност од тоа какви ангажмани имам во текот на денот, така си ги распределувам обврските. Ако имам ревии или сликање тој ден одам на шминка и фризура на договореното место и од таму ми започнува целиот работен ден, ако има некаков друг тип на настан се подготвувам од дома. Овој период одам на проби за ревиите на „Модна ноќ на невести“ .

Зависно од сезоната, настаните се различни. Половина од годината имам ангажман и како инструктор на курсот во нашата агенција Подиум, што значи дека ги обучувам новите модели, на кои се трудиме да им најдеме ангажмани уште од самиот почеток. Доколку немам договорено јас ништо, од дома ги менаџирам девојките од нашата агенција за нивните ангажмани. Доколку денот е сончев, од самото станување се чувствувам мотивирано, не ми треба дополнителна мотивација, самиот убав ден и сонцето се доволни. Инаку ме инспирираат и мотивираат позитивни луѓе, луѓе кои го сакаат животот и животните и кои секогаш гледаат на работите позитивно.

Денот најчесто ми завршува во домашна атмосфера, со партнерот (Филип). Сакаме вечерните часови да ги поминеме заедно, гледајки некој анимиран цртан или омилената серија. Во последно време повеќе гледам документарни емисии или видеа на youtube кои се со едукативна содржина.

*Ивана Гелева-манекенка и инструктор