Со рутина против себе

Се трудам веќе подолго време да се фокусирам само на позитивните моменти и можни ситуации во нашиве животи, на победата на сопствените стравови, на тоа што вреди да се двои време за него, на убавото и на доброто во секој од нас.

Не ми помагате. Отворив ФБ пред некој ден, како што разгледував од пост до пост сме сведени на заклани, напуштени животни, политички состојби на заборав и иљачи за измислени болести. Каде е убавото во нашиот живот?

Сигурно сте ја слушнале изреката, Пара на пара се влече. И сте ја запаметиле уште посигурно, дека сега сме современо, се броиме во валути. Епа ајде размислете, што ако таа идеологија на едно по друго се влече, ја провлекувате во секојдневниот живот?

Немам пари, немам работа, немам љубов, не сум среќен, не сакам… едно по друго ги влечете во врзан магичен круг на постојана болка и загуба, на несреќа и неисполнетост. И така по немам пари, следи немам работа, по немам љубов следи не сум среќен, до неповрат вака. Седењето пред компјутер или на телефон нема да ви го промени животниот темплејт, ФБ или инстаграм или милион и едната апликација за запознавање на љубовта на вашиот живот ќе ве заглави во површни односи без никаков потенцијал за иднина и без суштинска вредност. На моменти се фаќам себе си како скролам по ова чудава што не одземаа и отргнаа од човекот. И не можам да разберам кога и како дозволивме да бидеме покорени?

Ајде вака, што ако текот на тоа е ваш живот може да се промени во една единствена секунда? Ти си сам на себе најголемиот непријател, ти со твоите одлуки да замреш, да наведнеш глава, да одиш во правец на стадото од страв да не се изгубиш, без да си свесен каде те води! Ако решиш сега и одма, наместо да го отвориш телефонот сабајлево, да станеш да испиеш кафе, сам, без утехата на екранот и лајковите и со тоа да ја разбиеш твојата рутина во глава, да го разбиеш очекуваното дејствие што те бута во амбис на мизерија од ден во ден, одиш еден чекор напред. На крајот на денот, немаш работа? Инсталирај апликација за барање на работа, отвори страни со совети како сам, започни од нула, не чекај дома, не чекај од политичарите, ти си општеството. Немаш љубов, а во врска си? Раскини веднаш, аман луѓе утре ќе умреме, животов е ваш, среќата е лична и никој нема да ви каже Браво, го пропати цел живот! Немаш никој, сам си, излези од дома, излези од стакленото звоно полно со дим на себесожалување, промени ја околината, оди види ново, склопи нови пријателства, засакај некој нов денес. Можеби нема да е тој љубовта на вашиот живот, но ќе биде доволна љубов за да се поместиш од мртва точка. Запиши нов јазик, оди на курс за правење накит, запиши се на фудбал, РАЗБИЈ ЈА РУТИНАТА.

Пред некој ден патував за Охрид. Па Побогу луѓе, дали сме ние свесни што и направивме на нашава околина! Цел пат од Скопје до Охрид е затрупан во ѓубре. Цел Охрид е потопен во пластики. Ние фрламе, не се политичарите свесни сте така? Загадени сме од себе, од одлуките да си го загадиме животов, од што не мрзи, од што губиме волја, од што сакаме се без никаков влог. Воздухот ни е загаден од нас, од лошото во нас.

Во овој момент, секој еден од вас, да реши да направи една добра работа денес, поинаква, позитивна, за себе подобра, цела состојба на ова наше мало општество ќе тргне во поинаков правец. Пробајте со малку, пробајте секој ден да направите една незамислива работа што предходно не сте ја направиле, нешто што ве плаши. Пристапете некому и побарајте да се запознаете, одете во кино сами, допрете пајак мал, поседете со темна тивка соба и соочете се со сите духови на наметнато минато за да им кажете да си одат.

Одберете ја онаа работа која ве прави неизмерно среќни, а бара од вас да промените се. И да се соочите со новата реалност, со уште потешки последици од моменталните, тоа ќе се последици на среќа.

Можам до бескрај вака, ама џабе е ако не започнеме со љубов. Џабе е ако ви пречи туѓ успех, туѓа убавина, туѓ живот. Вам ви недостасува вашиот, исто како што мојот ми недостасува на мене, со сите последици на моето бидување.

Ова е за една моја голема љубов, неконвенционална, нова и ненаметлива. Одбери ја таа работа што те прави среќен, одбери да живееш, а ние малите покрај тебе ќе пробаме да се справиме со сите твои последици на среќа.

Јас сум Ивана Кнез, преку глава ми е од ништо не чини, ајде да направиме да биде добро.

Се читаме следната недела.