Со месеци се докажуваат, преку ноќ ги забораваме: Македонски ѕвезди со краток рок

По не знам којпат, Македонија е повторно обединета кога станува збор за таленти кои конечно ги дочекуваат своите пет минути во музички шоуа од натпреварувачки карактер. Овие потенцијални пејачки ѕвезди најчесто се приморани среќата да си ја бараат во соседните земји, бидејќи кај нас телевизиите одамна ги укинаа таквите формати од домашно производство и ги заменија со увезена продукција. Затоа со години наназад, наместо „Сите наши ѕвезди“, „М2“ или „Македонски идол“ на пример, ние гледаме „Ѕвездите на Гранд“, српскиот The X Factor или бугарскиот The Voice. На социјалните мрежи, веќе два дена сите зборуваат за талентираната Калина Велковска-Кали, Македонката која се претстави во одлично светло токму во бугарската верзија на светски познатото шоу за музички таленти. Кали не пее од вчера и македонските интерпретатори и инструменталисти добро ја познаваат, но ете сега конечно за неа слушна и поширокиот аудиториум.


Калина со својот неверојатен талент ги освои членовите на жирито во бугарскиот The Voice 

И сега по не знам којпат се наметнува прашањето колку од овие талентирани вокалисти кои најчесто со месеци се докажуваат во ударни термини, реално успеале да направат некоја посериозна кариера. Македонските кандидати во таквите серијали неретко успеваат и да победат, но еуфоријата за нив најчесто трае до следната сезона. Се профилираат во ѕвезди со краток рок и преку ноќ се губи медиумското внимание за нив.

Веројатно малкумина се сеќаваат на Евгенија Чанчалова, талентираната кумановка која победи во шоуто „Сите наши песни“ кое го продуцираше националниот сервис. Овој триумф требаше да биде трета среќа за младата пејачка која претходно беше финалистка на „М2-потрага по ѕвезда“, а се натпреваруваше и во „Македонски идол“. Во тој период даде неколку интервјуа, освои и награда на „Скопски фестивал“, но еуфоријата спласна, а таа експресно беше заборавена. Чанчалова студираше на Факултетот за музичка уметност, на отсек соло пеење - популарни жанрови. Во една прилика изјави дека сол, џез и блуз е она што најмногу ја исполнува, но и дека се надева дека ќе успее конечно да се реализира на домашната поп-сцена. За жал, не успеа во намерата.

Пред една деценија Иван Раденов победи на „Македонски идол“ на тогашната „А1 телевизија“. По овој триумф, со неговиот брат-близнак се натпреваруваше и во регионалниот „Х-фактор“. Му предвидува голема кариера, но тој се повлече од медиумите. И понатаму настапува редовно, но веројатно како што и самиот призна во едно интервју, естрадната кариера никогаш не ја доживувал помпезно.

- Никогаш не сум сакал кариера од типот на програмирана ѕвезда која има сè, освен сопствен живот. Не жалам за ништо. Имам реален живот, исполнет со љубов и искреност. Уживам во тоа што го работам, да пеам и да свирам. Кога човек ќе ги спознае вистинските вредности на животот нема за што да жали - објасни познатиот пејач пред неколку години.

Струмичанецот Мите Стоилков победи во втората сезона на „Пинкови ѕвезди“. Во маратонско суперфинале кое траеше до три часот по полноќ (!), македонскиот претставник освои најмногу гласови од публиката. Освен победничка статуетка, под капата на телевизија „Пинк“ му најавуваа блескава регионална кариера, но тоа не се случи. Мите сега одново го докажува својот талент во „Ѕвездите на Гранд“.

Струмичанецот Мите Стоилков победи во втората сезона на „Пинкови ѕвезди“

Во интервју за „Женски Магазин“ Боби Мојсовски пред две години ни призна дека е посветен на 3Д Моделирање и анимација и дека песните ги чува за подобри времиња. Младиот охриѓанец имаше одличен пласман во „Х-фактор“, а во 2013 година победи и на реномираниот интернационален фестивал „Славјански базар“ во Белорусија. Сепак, Боби одлучи соло-кариерата да ја стави во мирување, а по потреба соработуваше со хрватскиот хитмејкер Тончи Хуљиќ и неговиот бенд „Мадре Бадеса“.

- Треба паметно да се искористат „петте минути“. Тоа подразбира гостувања по емисии, интервјуа, објавување на нови синглови, добар маркетинг, настапи и концерти. Само така може да се задржи медиумското внимание, а тоа е голем притисок кој не може секој да го издржи - изјави Мојсовски во една прилика.

Ѓ.С.