Скршена

Некако со тек на време, колумнава ми стана многу лична, многу интимна и можеби највистинската моја страна дадена вам на тацна. Кога започнав, целта ми беше површна, од оваа перспектива погрешна, да ви раскажам за едно искуство со менување на животен стил и да интегрирам што е можно повеќе следбеници во мојата работа.

Ова е 69та недела како ви се обраќам Прелепотици мои. До сега, не само јас, туку се околу мене се преврте наопачки за 360 степени и не се врати назад, се промени и тело, и цел, и работа и начин на живот. Или ти се променив јас. Мојата потреба за ново, за позитива, за целина, за создавање, секој момент ме носи од еден крај на светот на друг, од една екстремна психолошка состојба во друга. И во целиот процес јас се уште се запознавам себе си.

Но, тоа што ме загрижува веќе извесен период, поготово искуството од оваа година, е мојот контакт со помладите генерации. Преку мојата работа, и со оваа колумна јас имам простор директно и индиректно да бидам во контакт со генерации од 16 години нагоре.

Како критична категорија ќе ги сврстам една полна десетка, 16-26, млади девојчиња и девојки, кои некако собираат храброст и директно или индиректно ми ги кажуваат личните проблеми.

За да не се повторувам со проблематики од типот на социјална идеализација, овој пат ќе пробам од поинаков агол да ви го раскажам моето искуство со една скршена младина, од наши грешки. Млади души кои ги оставивме без основа, ги лишивме од емоции и им даваме перспектива на лесен живот, површен, материјален, ладен. Се повеќе среќавам, работам со, и дознавам за млади девојки кои немаат вистинска цел, им недостасува амбиција, глад за знаење, глад за себе реализација без површност на стандарди. Се повеќе се алудира на тоа младите да одат надвор, па макар и по цена животот да го поминат во кујна од некој ресторан, или на врата од дискотека, што и да е само да не е овде и да е лесно. Свесна сум каде сме, јас овде градам сама веќе девет години, и те како крварев, и те како ќе крварам. Тоа е цената на големите соништа каде и да си. Го знам светов, го видов, не е полесен, до нас е. До нашите стандарди, до нашите критериуми. Не фрлаат ѓубре политичарите, ние го фрламе. Тоа што тие се неспособни да го исчистат е наша грешка повторно, ние ги бираме. Не убива животни владата, ние ги убиваме. Да не редам се што е до нас, многу е, се зависи од нас. А најмногу иднината на нашите деца, пеперутчиња на кои им сипаме солна киселина додека се се уште во кожурци, само за да им докажеме дека тука не чини. За на крајот, тоа што не чини да испадне дека сме всушност ние самите. Не ги слушаме младите воопшто, тие се маргинализирана група, а не оние на кои се алудира. Не им даваме храброст, не им кажавме што е тоа што вистински вреди, што е семејство, што значи верба во себе, во личните идеали. Постојано им потенцираме што е тоа што не е добро, ги полниме со негативна енергија, тие ни се виновни што не се воспитани. За нам да ни е полесно, ги предаваме на социјалните медиуми, и наместо да им помогнеме, да ги ислушаме, ние ги препуштаме на современи зависности доброволно и свесно. Со изговор, толку ги бива. Не бе дечки до нас е, нас не не бива, ние сме тие кои ги држат за крила и дел по дел им ги сецкаат.

Потклекнавме како семејство од себични приоритети и лични нереализирани сонови..

Кога се разведоа моите дедо ми ми рече, Ивана кога векна леб ќе се скрши на пола, останува векна леб, но поделена на два дела. И никогаш повеќе нема да ја прави истата целина. Тој не знае дека во Јапонија има техника на лепење со чисто злато, kintsukuroi, kintsugi. Така, тоа што е скршено добива уште поголема вредност. Така, со многу труд, многу солзи и насмевки, моето семејство доби нова форма и стана посилно од тоа што беше. Со еден златен лепак наречен Љубов.

Сакам Љубов, верувам во моќта на љубовта и директната нејзина моќ на поправање на се што е скршено. Ќе бидам мајка нели, нема жена на светов која не го сака тоа. Под мајка не подразбирам само да родам, мајчинска љубов постои во прималниот атом на секоја една жена. Можеби ќе посвојам, не едно, пет дечиња. Но во момент кога вистински ќе сум подготвена, кога ќе бидам на чисто сама со себе. Кога ќе бидат Љубов, а не пштествен критериум за успех. Чувајте ги децата мили мои, дајте им слобода и храброст на младите, дајте им сила за да можат сами, на било која страна од светов. Покажете им што значи моќта на лепакот наречен Љубов.

Јас сум Ивана Кнез, мојата слобода е во моќта на Љубовта. Создавај, почитувај, Љуби се што има живот и постави си вистински приоритети. Не се плаши од грешки, не се плаши од неуспех, така се расте. Така се станува човек.

Се читаме следната недела.

П.С. Не ги трујте децата со турбо фолк, и вредноста на материјалното. Не го враќајте детето кога ќе ве замоли за помош со домашна задача. Не му тупнувајте телефон во рака кога ќе ве замоли да си играте. Не ги учете девојчињата дека со Љубов не се живее, не ги учете момчињата дека за да биде успешен треба да има финансиска заработка. Тргнете ги сите препреки пред нив, покажете им што е моќта на семејството, колку значи кога имаш дома и каде да се вратиш. Гушкајте ги без разлика на нивните години, дека една прегратка може да ти го промени целиот склоп на негативен ден. И да ти покаже колку всушност вреди нашиот живот. Намасте Прелепотици.