Скромен, но упорен, како последен романтичен Мохиканец: Едно поинакво патување со Блаж Маротов

Добивај вести на Viber

22 април 20225 година. Македонска филхармонија. Прекрасно и незаборавно романтично патување на Блаж Маротов низ неговата долгогодишна музичка приказна. Омаж на еден вонсериски уметник, кој својот талент го чува во сенката на својата скромност, но упорно, како последен романтичен Мохиканец, создава интересни и жанровски различни песни во свој стил, кој не може да се спореди со ништо слично во регионот. Почитувач на туѓите евергрин дела, но и создавач на прекрасну музички стории, за сите вкусови и за сите генерации.


Блаж Маротов, автор, музичар, професор. Со децении присутен на македонската естрада. Заедно со неговата поубава половина Јуле со години настапуваа како Дуо Маротов, а освен незаборавните забави и настапи од секаков вид, ни ги подарија и хитовите „Не е љубов тоа“, „Ќе бараме до крај“, „Шармерки“, „Не лажи ме“, „Туѓа жена“, „Да можам да те мразам колку што те сакам“, песни што беа дел од првиот албум „Одведи ме до рајот“. Последните години Блаж Маротов најчесто настапува со „Маротов бенд“, каде освен него и Јуле, музицираат и нивните двајца синови Бојан и Гоце, а пее и нивната снаа Лена, која е извонредна интерпретаторка. Музичко семејство, кое плени во секое време со својот шарм, искреност, позитивна енергија и музичка едуцираност.


Последниве неколку години, освен што го промени своето уметничко име и стана Блаж Маротов, симпатичниот музичар доби силен порив за творење и повеќе се посвети на пишување музика, стихови и аранжмани. Од неговото домашно студио се родија неколку стилски различни нумери, кои во 2021 година го заокружија и обликуваа неговиот трет соло албум „Среќа барам". Потоа Блаж ни подари и 4 обработки на наши народни песни со негови идејни аранжмани, а како нови авторски песни ги издаде и „Лаго моја“, „Нека се вратат времиња златни“. „Забораваш“ и „Бог да ми даде сила“.


Благој Маротов, чии почетоци се пред многу децении на фестивалот „Златно славејче“, е позитивен и секогаш насмеан музичар, кој со својата бас гитара со децении е дел од многу фестивалски оркестри и бендови. Спиритус мовенс на антологиската емисија на ТВ Алфа „Беше еднаш“, во која беа претставени и спасени од заборав многу македонски евергрини. Необичен и плоден композитор и аранжер, романтичар кој создава, издава и упорно се бори со својата уметност и квалитет и во овој 21 век и се уште настапува секаде, објавува нови песни, а присутен е и на македонските фестивали.


Ова волшебно музичко патување на Блаж Маротов и неговото прекрасно семејство беше прв негов голем солистички концерт, а во најава се уште неколку слични музички дожувување за публиката ширум Македонија. Концертот беше збогатен со настапот на легендарниот Перо Христов, со дуетските нумери со неговата животна сопатничка Јуле Маротова, како и со настапот на талентираниот музичар и пејач Иван Кукиќ. Бендот на Маротови, составен од Бојан Ивановски – гитара, Бојан Маротов – клавир, Гоце Маротов – бас, Трајче Трајчевски – тапани и Лена Заткоска-Маротова – придружен вокал, специјално беше музички засилен со виртуозите Илија Филиповски на виолина и Војче Петрушев на хармоника.


Со таков моќен и искусен тим, составен од академски музичари кои знаат да уживаат во секоја нота и во секоја хармонија, Блаж нѐ прошета низ својата речиси 5 децениска карира, но ги изведе и своите најнови музички дела  „Лаго моја“, „Нека се вратат времиња златни“, „Забораваш“, „Животот е епизодна мода“, „Роман за нас“, „Сплотеност љубов и мир“, „Бог да ми даде сила“ и најновата „Доказ“. 


Веќе на 24 април Маротови ќе имаат свое концертно преставување и во Домот на културата „Антон Панов“ во Струмица, а во преговори се да го повторат истиот музички перформанс и за публиката во Гевгелија. Убаво е што повеќе публика да ги слушне и доживее во живо песните на Блаж Маротов, кој зрачи со оптимизам, сигурност и среќа.


- Имавме успешен концерт, полна сала, добри гости, според реакциите за време на концертот и после концертот, воодушевени. Имав и мои музички гости, кои ми го збогатија концертот со своите настапи. Перо Христов со навраќање на нашиот почеток на кариерите со „Синоћ ниси била ту” (Чолиќ) и со „Нема живот Ангелино“ (и како добитник на наградата за животно дело на Златна Бубамара). Со Иван Кукиќ имавме еден несекојдневен настап на две бас гитари и два вокала. Ја изведовме ,,А од љубов не се бега”, песна која наиде на експлозија во публиката по соло партијата на Иван, кој беше и мојот втор гостин. Секако свој белег на концертот оставија и моите колеги музичари: Илија Филиповски – виолина, на легендарната „Шармерки“, во изведба на Јулијана Маротова како мој гостин. Исто така благодарам и на мојот последен гостин Војче Петрушев, на хармоника. За целиот концерт аплаузите ги собра и мојот бенд: Бојан Маротов - клавијатури и вокал, Бојан Ивановски - гитара,Трајце Ристов - тапани и Гоце Маротов бас гитара, како и мојот придружен вокал Лена Заткоска - Маротова. Во текот на ноќта и утрово се уште ги читам сите (на моја радост убави и прекрасни) коментари за прекрасната вечер во малата сала на Македонската филхармонија. Денеска ни е ден за одмор, а утре 24.04.2025 со почеток во 20 часот ги каниме сите струмичани и љубители на убавата песна во Струмица во Домот на културата Антон Панов. Очекуваме и таму полна сала (според највите) и уште една незаборавна вечер.


Во меѓувреме ја чекаме и Јуле да му се придружи, и повторно да снимат некој прекрасен дует, некоја романтична нумера за сите генерации.

С.А.Н

Фото: Вангел Тануровски