Скопје е загаден од луѓе: Искрен муабет со Биба Додева

Валкаме се’ што е добро, вели познатата пејачка и хуманистка која симболично на Денот на ослободувањето на Скопје го претстави спотот за обработката на култната тема од „Леб и сол“

Пејачи, актери и музичари, пожарникари и спортски навивачи предводени од 11-годишниот Јане Велковски, но и познатиот македонски илузионист Гого Реквием се обединија на едно место, во новиот спот за култната тема „Скопје“ на „Леб и сол“,овојпат препеана од Биба Додева. Видеозаписот потпишан од „Флукс“ се работеше неколку месеци, а во истиот се појавуваат многу интересни ликови кои, како што вели Биба, се фатени токму како што треба.

- Почнавме да снимаме летово. Навистина не беше едноставно од организациски аспект. Беше специфично камерманот да стигне на секое место. Сепак, нашиот Боле успеа да ја долови секоја емоција. Спотот го замисливме да биде весел и динамичен и сите тие драги луѓе, мои пријатели кои се појавуваат во истиот, да му дадат една посебна енергија, да не бидат само обични статисти - раскажува Додева за „Женски магазин“.

За неа особено возбудлива за снимање била сцената на покривот на Градскиот трговски центар.

- Се шегував со колегите од бендот дека иако сум буцка, поеластична сум од сите нив. Прва се искачив на сет и воопшто немав страв од височината - открива познатата пејачка и хуманистка.

Новиот аранжман на „Скопје“ кој е дело на Владимир Дојчиновски-Дојчин е комплетно променет. Влатко Стефановски кој е автор на песната заедно со неговиот покоен брат Горан Стефановски, бил воодушевен кога ја слушнал верзијата.

- Требаше и тој да се појави во спотот. Се слушнавме во периодот кога снимавме, но беше презафатен со настапи и не успеавме да се договориме. Јас и тој имаме и една друга заедничка мисија која понатаму планираме да ја реализираме. Се почитуваме како колеги, му се допадна мојата замисла, беше многу фер и професионален - раскажува Додева.

Вели дека од поодамна имала желба за кавер. Сакала да се врати на сцената со нешто впечатливо, како вовед за долгоочекуваниот албум кој планира да го реализира наредната година.

- Во мојата кариера која трае 26 години никогаш не сум имала обработка на некоја моја омилена песна. Изборот беше логичен, ако се земе в предвиод дека растев со „Леб и сол“, сум одела на нивните концерти тоа време во „Хард рок“, тоа е групата која ми остави белег. Снимивме наша џипси џез верзија која сепак го има оној препознатлив шмек од оригиналот - искрена е Биба.

Спотот симболично беше промовиран синоќа, во очи на Денот на ослободувањето на Скопје. Ова е период кога македонската метропола е повторно во фокусот на медиумите, најмногу поради продолжувањето со непланско градење и загадувањето.

- Јас сум скопјанка, израсната сум овде. На моменти ми е жал за градот кој ние луѓето го уништивме. Луѓето се лоши спрема себе, па и спрема нашиот град. Треба повеќе да го чуваме. Скопје е убав да се диши, но кога е чист, кога е исполнет со енергија и со љубов. Ми пречи што не можам да го дишам секој ден, онака како што јас сакам. Колку што е загаден од ѓубре и од ПМ честички, толку е загаден од луѓе. Злоба и завист кај и да се свртиме, луѓето почнаа да осудуваат било кој за било што. Станавме нечисти како народ, со мисли и со енергија. Валкаме се’ што е добро - објаснува Додева која посакува нејзината ќерка и нејзиниот внук да растат во Скопје во какво што таа растела.

Со песната „Како некогаш“ Биба Додева пред два месеца триумфира на фестивалот „Охрид-фест“. На музиката и на аранжманот на моќната балада на Дојчин совршено легнаа стиховите кои ги напиша поетесата и наша редовна колумнистка Ана Бунтеска.

- Песната е автобиографска, и на Ана, и моја и на сите оние кои што изгубиле некого. Инаку, Ана ја познавам од многу одамна. Јас сум еден од оние нејзини фанови, и го почитувам нејзиниот збор, нејзините песни сето она што таа го прави, и колумните во вашиот „Женски магазин“ редовно ги читам - ни раскажа тогаш Биба зад сцената на „Охрид фест“.

Соработката со Бунтеска била случајна, но ќе продолжи и во иднина. Таа ќе биде потпишана на уште неколку рефрени планирани за новиот албум на Биба која до Нова година на јавноста ќе ѝ претстави уште еден сингл.

Ѓорге Стојанов