СКОПЈАНКАТА МИА, ФАВОРИТ ЗА ПОБЕДА ВО „ПИНКОВИ ЅВЕЗДИЧКИ“: Татко ми ми одбира песни за секој настап

 Младата пејачка е ќерка на поранешниот рапер Мустафа кој пред дваесетина години имаше хит-соработка со докажаниот музичар и продуцент Александар Ристовски-Принц

Популарната кантавторка Леонтина Вукомановиќ ја нарече врвен изведувач. Пофални зборови за неа имаше и Ивана Петерс, пејачката на познатиот поп-рок бенд „Негатив“. Гоца Тржан, пак, ѝ порача дека би било навистина супер родителите да ѝ помогнат нејзиниот глас да допре до некој светски продуцент. Скопјанката Миа Мустафа (14) е еден од фаворитите за победа во актуелната сезона на популарното регионално шоу „Пинкови ѕвездички“, а тоа го докажа и со последното претставување кое ѝ донесе пласман во полуфиналето со интерпретацијата на хитот „Доживотно“.

- Песната на Елена Ристеска е многу убава, поради тоа и ја одбрав, но навистина сум изненадена од многуте позитивни коментари. Искрено, кога се пријавував во шоуто не размислував толку многу за популарноста. Пеењето е тоа што сакам да го правам и сум многу задоволна од поддршката што ја добивам. И останатите натпреварувачи се многу талентирани, но се надевам на најдоброто, а тоа е да се пласирам во суперфиналето. Се разбира со ваша помош – ни изјави младата пејачка.


Миа е ученичка во основното училиште „Кузман Јосифовски-Питу“ со желба да стане пејачка од најрана возраст, како вели, од нејзиниот трет роденден. Талентот за пеење го наследила од татка си кој пред речиси две децении исто така ја почувствува популарноста на естрадата. Публиката го памети под уметничкото име Мустафа, раперот кој со Александар Ристовски – Принц го сними рефренот „Седи не ме знаеш“, една од најслушаните македонски песни во времето кога беше издадена.


- Татко ми ме поддржува во желбата за мој посериозен музички пробив. Како и секој родител ме поддржува во тоа што сакам да го правам. Има своја аудио и видео продукција (Master M audio & video production) и токму тој ми одбира песни за секој настап на „Пинкови ѕвездички“. Мојата желба е дефинитивно да се занимавам со музика. Дури и да не биде моја професионална определба, таа ќе остане дел од мојот живот – порачува Миа.

Ѓ. Стојанов