Сите гледаа во Атиџе: Ѕвездата од „Медена земја“, блесна на премиерата

Атиџе од селото Бекирлија во областа Овче Поле, главниот лик во документарецот „Медена земја“, беше највпечатливиот гостин на вчерашната затворена премиера на филмот кој на најголемиот американски филмски фестивал на независен филм Санденс освои три награди.

Автенитично облечена и расположена, Атиџе , која е последната жена одгледувач на диви пчели во Европа, ги собра симпатиите на публиката, и на големото платно и со своето присуство во скопското кино „Милениум“. 

„Медена земја“ е вистинита, топла приказна за Атиџе и за нејзините соседи од селото кои одгледуваат пчели и прават мед. Атиџе, со својата човечност и пожртвуваност храбро ја носи главната порака на филмот: „Ако еден го прекрши правилото, сите ја плаќаат цената“. Таа има и своја девиза која ги трогна присутните во киното: Земи половина од медот, половина остави за пчелите. 

Атиџе со режисерката на филмот Тамара Котевска 

Атиџе во селото живее во рурална средина, во трошна куќа, со својата стара мајка која починала при крајот на снимањето на филмот. Никогаш не се омажила, затоа што не сакала да го напушти селото и мајката. 

Атиџе со продуцентот Атанас Георгиев и снимателот Фејми Даут 

Филмот на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска ја доби главната награда од жирито во програмата Светски филм за документарци, Специјалната награда од жирито за влијание за промена за Котевска и Стефанов како и Специјална награда за камера која ја добија Фејми Даут и Самир Љума. Продуцент на филмот е Атанас Георгиев. 

“Успеавме да обезбедиме нов дом за Атиџе“, ни потврди вчера екипата на филмот која работи на уште една хумана мисија. „Медена земја“, на својата официјална веб страница honeyland.earth, започна со добротворна кампања за поддршка и помош на ликовите од филмот.  Со секоја нарачана тегла мед на Атиџе, ќе се донираат средства за подобрување на условите за живот на децата што се појавуваат во филмот, а граѓаните можат да донираат и на броевите  143777 (Телеком) и 143502 (Вип). 

Пошироката јавност ќе го види „Медена земја“„ на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, кој ќе се одржи во август.

М.Џаровска 

Фото: Маја Аргакијева