Сезона на венчаници: Славни Македонки на своите свадби

Повеќе познати Македонки утревечер ќе се појават во венчаници на исто место. Сепак, свечените фустани ќе ги облечат само наменски, за потребите на јубилејниот десетти Саем за венчавки. Овој популарен настан фокусиран на можеби еден од најважните денови во животот на секоја дама, нѐ инспирираше да пребараме по нашата архива и да се потсетиме како нашите ѕвезди изгледале како невести, но во вистинскиот живот, а не наменски за ревија.

На крајот од 90-те години на минатиот век судбоносното „ДА“ го кажа Дани Димитровска. Нејзиниот брак со Јоцо, со кого се знаеле од деца и живееле во иста населба, не потраја долго, но мора да признаеме дека за популарната пејачка времето како да застанало.

Повеќе од две децении во брак се Светлана и Мики Црнокрак. Двојката која со години успешно плови во модниот бизнис се запознала на модна ревија во Битола, една и пол година пред нивната свадба која се случи на 11 октомври во 1997 година.

Македонската поп-дива Калиопи блесна во невестински фустан во 2004 година. За интересен аутфит се одлучи и нејзиниот тогашен сопруг, актерот Васил Зафирчев. Двојката се разведе по седум години брак.

Не траеше долго ниту бракот на популарната ТВ-водителка и инфлуенсерка Лила Филиповска со музичарот Орце Димитровски, но сѐ уште го паметиме нејзиниот несекојдневен венчален фустан, дизајн на Сека Радончиќ.

На мојата свадба сама се нашминкав и сама си ја направив фризурата, призна Силвана Мучиќ-Плевнеш неодамна во шоуто „Живот со стил“. И таа и нејзиниот сопруг Влатко за овој свечен чин во 1993 година носеа креации на костимографот Раде Василев.

Каролина и Михо се венчаа пред неполни три години на аеродромот Стенковец прилагоден специјално за оваа пригода, па на многумина сѐ уште им се свежи впечатоците за Гочева која беше една од најисчекуваните невести кога е во прашање домашната естрада.

Во јуни 2015 година, Тамара и Мачка направија весела свадба на која запејаа многу од нејзините пријатели и колеги. Бевме другари седум години, ме побара за жена по 40 дена, откри Тодевска неодамна за „Женски магазин“.

Во 2018 година се омажи и поп-пејачката Симона Поповска, за својот долгогодишен дечко, бизнисменот Крис Поповски. Свадбата беше во јуни, а Симона носеше дводелен невестински фустан.

Ѓ.С.