Секој ден ѝ пеам на жена ми дома: Весел концерт на Јоксимовиќ во Охрид

На својата сопруга Јована, Жељко Јоксимовиќ ѝ ја посвети песната „Жена за сва времена“, на концертот во Охрид, на стадионот Билјанини извори. „Ова е машка песна. Секој ден ѝ ја пеам на жена ми дома“, рече српскиот канатвтор правејќи симпатичен натпревар во пеење помеѓу мажите и жените во публиката. 

Од секоја песна, Јоксимовиќ правеше приказна. За хит-баладата „Нисам те због лепоте волео“, која е дело на македонскиот авторски тандем Лазар и Магдалена Цветкоски, тој раскажа: „Токму оваа песна, многу млади ја избираат за својот прв свадбен танц“. „Може ли да заиграме еден твист, на нешто кое е старо речиси 20 години“, повика тој пред почетокот на „Дрска жено плава“. 

Го слушнавме и со одлична изведба на „Елено ќерко“, а за да ги разигра и онака веселите фанови, го отсвире „Турски марш“. Жељко е стар миленик на домашната публика, секоја песна му е хит, затоа и овој концерт му помина успешно. 

Од баладите како „Супермен“, и евровизиските„Није љубав ствар“ и „Лане моје“, до неговиот симпатичен македонски јазик во делот на Даниел Кајмакоски во „Скопје или Београд“, овој настан беше весел од почеток до крај. 

Го организираше продукција “Прагма“. 

М.Џаровска

Фото: Горан Десковски