Самоизолацијата го јакне духот: Благица Димитровска, актерка

На уметниците изолацијата не им е туѓа. Благица Димитровска, актерка во Драмскиот театар, се согласува со тоа мислење.

-Ние, уметниците, често знаеме да бидеме во самоизолација додека сме во процес на работа, така што самоизолацијава сега за мене е déjà vu, вели таа за Женски магазин.

*Каков е вашиот ден во карантин?

-Гледање филмови и серии ми се омилениот дел од самоизолацијата. Но, не се оставам без работа, секако. Бидејќи сум асистент по глума на мојот професор Роберт Вељановски, држиме online часови на нашите студенти. Моментно, нашите часови се во процесот на читачки проби, така што оnline начинот на едукација е многу ефективен, материјалот го сработуваме и часовите течат нормално како да сме на факултет. Така, мојата самоизолација е продуктивна од секој аспект.

*Ги почитувате ли препораките за запирање на ширењето на вирусот? Што мислите за оние кои не го прават тоа?

-Ги почитувам сите мерки за заштита - за мене, за околината и за луѓето околу мене. Ме загрижува свеста кај луѓето, секојдневно читам како некој не ги почитува мерките или одбива да биде тестиран. Се се случува поради некаква причина, лошото - најмногу. Бидете емпатични.

*Како најбезболно да се помине овој период?

-Им препорачувам на сите да си ја искористат самоизолацијата продуктивно и да се посветат себеси. Гледајте многу филмови, слушајте музика. Би препорачала филмови и серии, кои го активираат мозокот постојано да размислува и да биде во фокусот на содржината. Такви се филмовите на Андреј Звјагинцев, Ким Ки Дук, Јоргос Лантимос и Ларс фон Трир. Или сериите од типот на Dark, Fargo, Leftovers, Black Mirror, Utopia. Од мојата плејлиста би препорачала за слушање: Аlt-j, Shpongle, Morcheeba. Читајте книги, истражувајте, надоградувајте се. И многу битно - седете дома, сите сме ризик и сите сме изложени на ризик. Почитувајте ги мерките, само така може да го спречиме овој вирус. И уште нешто - не ги заборавајте уличните животни, пробајте некако пред зграда или пред куќа да им оставате храна и вода. Тие не се опасни и не се преносители на вирусот.

Ј.Франговска