Сакам да го зачувам младешкиот изглед: Интервју со Каљтрина Круезиу Балаш

Интересот за естетски операции и интервенции во Македонија станува сѐ поголем. Сепак, малкумина се оние кои отворено, без никаква задршка, зборуваат на оваа тема споделувајќи сопствени искуства. Токму таква, храбра и растеретена од тоа што другите мислат за неа е и Каљтрина Круезиу Балаш, професорка по солфеж и диригирање во средното музичко училиште „Илија Николовски - Луј“ и мејкап артист.

* Секогаш сте отворена во излагањата, влијателна сте на социјалните медиуми и некако станавте синоним за естетска хирургија. Ви годи ли впечатокот што другите го имаат за Вас, што Ве нарекуваат македонската Барбика или баш напротив, Ви пречи како другите Ве доживуваат?

- Луѓето секогаш се склони работите да ги доживуваат многу површински, а физичкиот изглед е прво и неминовно нешто што го приметувате кај секој човек. Не би рекла дека ми смета таа споредба, но ниту пак ми значи премногу. Секој човек си има различна перцепција кон работите во животот што го прават среќен, од кои надворешниот изглед е само еден елемент но не и најважен.

* Првата корекција, зголемување на уста, сте ја направиле пред само три години. Дури не Ви била ни комплекс претходно, ама ете сепак сте одлучиле да ја корегирате. Зошто?

- Јас сум makeup artist и уште од многу рана возраст бев опседната со женската убавина. Поради тоа уште од многу мала сама се научив да шминкам за да изгледам како девојките од модните писти и насловните страни на познати магазини. Зголемувањето на усните не ми беше неопходно, но бев љубопитна да видам колку една црта на лицето може да направи промена кај една жена.

* За разлика од устата, носот Ви бил комплекс уште од тинејџерските денови и сте сакале одамна да го промените. Кога првпат силно посакавте конкретна промена на она што, народски кажано, од господ Ви е дадено?

- Го имав кажано тоа во една емисија. Секогаш сум искрена и не очекував дека тоа вирално ќе се прошири како да е нешто најстрашно. Секој тинејџер, а и секој човек има комплекси за кои не треба да се срами пошто е многу нормална појава. За жал, нашите медиуми знаат да ги хиперболизираат и да ги превртат работите во нивна корист. Да се вратиме на темата, не ми било тоа некој голем комплекс туку едноставно желба за поубава симетрија на лицето. Симетријата, како makeup artist ми е професионална деформација, пошто целта на една шминка е да добиете што посиметрични црти на лицето.

* Една од најпопуларните корекции кога е во прашање естеската хирургија е дефинитивно зголемувањето на градите. Дали промената на деколтето силно ја посакавте дури откако се реализиравте како мајка или и тоа е желба од многу поодамна?

- Секоја девојка посакува да има убаво деколте и да се чуствува женствено. Пред да станам мајка не размислував многу на таа тема, но после промените на телото што ми се случија во текот на бременоста, се решив за таа интервенција затоа што реално ми беше потребна.

* Имаме доста примери кога луѓето стануваат опседнати со пластичната хирургија и настојуваат по секоја цена да си го променат личниот опис. Што мислите Вие?

- Секако дека секогаш може да се изгледа поубаво, но и не треба да се претерува кога се работи за пластична хирургија, пошто границата е многу тенка меѓу убаво и изобличено и за жал тоа создава зависност кај жените, па многу често губат чувство со реалната слика и перцепцијата за своето тело, што доведува до непоправливи штети и екстремни случаи каде што се губи тотално личниот идентитет.

* Дали вие со согласувате со тезата дека „благодарение“ на пластичната хирургија, жените се’ повеќе наликуваат една на друга?

- Јас би рекла благодарение на лошата пластична хирургија, жените наликуваат една на друга. Доколку се користи умерено и за точно одредени и неопходни цели, со помош на пластичната хирургија или помали нехируршки интервенции, мислам дека секоја жена би била убава, своја и посебна како што и природата ги создала.

* Која е Вашата моментална перцепција кога ќе се погледнете во огледало?

- Моментално сум во една животна фаза каде што се чувствувам убаво без разлика на мојот одраз во огледало. Не планирам да направам никаква промена на себе во скоро време и не ни размислувам за тоа, бидејќи што и да направам би било премногу, немам потреба од тоа. Сакам само да го зачувам младешкиот изглед колку што е можно подолго, а за стари години не се знае. Имам среќа што имам добра генетика и пред 55-60 години сигурно нема да ми треба лифтинг на лице (се смее).

* Дали по низата интервенции кои ги имате направено вистински Ви се зголеми самодовербата?

- Самодовербата и физичкиот изглед многу често ги поврзуваат, што јас лично мислам дека не се многу тесно поврзани. Самодовербата се стекнува уште од рана возраст и се гради низ годините преку многу други фактори. Ако не се чувствуваш убаво во своето тело, познавајки се кој си и што си, знаејки ги своите квалитети, не постои пластична операција или интервенција што ќе ви ја зајакне самодовербата.

* Откако медиумите почнаа да се интересираат за Вас, она што особено го нагласуваат е Вашата примарна професија. Веќе 12 години сте професорка по солфеж во државното музичко училиште. Како учениците реагираат на Вашата популарност? Сте имале ли досега некоја непријатна ситуација со нив?

- Со учениците имам многу добар однос, можеби поради фактот што имам долгогодишно искуство, а и децата со кои работам се уметници и им го разбирам нивниот свет многу добро. Секогаш ги инспирирам и ги поддржувам да си ги исполнат нивните соништа, што за тинејџерите е многу важен тој другарско-професорски пристап. Свесна сум дека не сум стереотип на професорка и сите што ме познаваат знаат колку сум креативна и различна од другите, што мене воопшто не ми смета, а и на моите ученици исто.

* Велат дека физичкиот изглед може привремено да Ве направи среќни. Калтрина, што Ве прави среќна освен работата како професорка и како мејкап-артист?

- Среќата треба самите да си ја правиме, колку и да звучи тоа тешко. Среќата јас ја наоѓам во малите секојдневни нешта и ситуации кои навидум не се многу важни, но се суштински. Ме прават среќна секојдневните разговори со син ми, времето поминато со блиските луѓе и секако работата. А бидејќи работам повеќе професии, кои ги сакам подеднакво, навистина се чувствува исполнета и среќна.

Ѓорге Стојанов