Сакај ме поинаку

Еднаш ви раскажував колку мразам почетоци на врска...или ајде да не бидам толку негативна, ќе го кажам малку поинаку. Не ги сакам моментите на грч и неизвесност. Не дека сакам права линија, ама стресот од, се јавил, не се јавил, пишал, не пишал ми се напорни. Кога некој ми се допаѓа немам стратегија. Кажувам се’, ко децата. Не се бавам со калкулации, со стратегии како да сум навидум недостижна, а вистината е дека грицкам нокти и се нервирам. Сакам да испијам кафе, да муабетам, да молчам и да сум своја. Не го сакам моментот на себепретставување. Кај мене, она што го гледате, тоа го добивате. Не ми требаат изливи од типот “ти си единствената жена и првата со која се чувствувам вака”. Не ми треба некој да ми се претставува нешто што не е, оти ако за годиниве нешто ми се развило, тоа се антените за лаги и преправање. Е, некогаш сама си ги ставам на пауза, па дозволувам да бидам заведена, ама тоа е мој проблем и кој знам дека настанува заради самотијата на која сама си се осудив.

Емотивно испостен човек во наплив на емоции, знае да биде дури и глупав. Од каде знам? Па по себе, се разбира. Љубовта за мене отсекогаш била соголување. Љубовта која и вам ви ја давам преку песни или било што што ќе напишам е токму тоа. Без срам, а ниту страв да се соблечам и да кажам дека ми е страв, дека ме боли, дека не сум среќна или дека сум во еуфорија. Ви должам благодарност што за сите овие години, не добив осуда. Ви должам благодарност на сите вас кои во моментите на моето распаѓање пред вас, сум добила во порака збор или срце. Ви должам едно големо фала што сте отвориле и вие пред мене и што сме си биле утеха дека не сум сама, а и вашето олеснување дека не сте сами.

Сум љубела безусловно само два пати во животот. Првиот пат ми се случи кога се породив и кога сфатив дека тоа е она за кое не се прашува дали, туку како би умрела. Љубовта кон ќерка ми ме научи дека центарот на светот не сум јас и моите потреби. Таа ме научи дека во животот себичноста умира тогаш кога од мене излезе нов живот за кој сум одговорна и повеќе отколку за мојот. Се разбира, до одредена возраст. После едноставно се остава детето да ги рашири крилата и да летне, знаејќи дека секогаш има гнездо и каде да се исплаче кога треба.

Вториот пат беше маж. Тврдам дека повеќе боли љубовта на старост. Сепак младоста има повеќе самобендисаност во себе. Во позрели години, некако човек расчистува со сопствените демони и се предава поинаку, подлабоко. Затоа и сечилото секогаш го оставаме да се зарие поубаво.

Човекот кој го сакав, како и во секоја несреќна љубовна приказна беше човек кој никогаш не знаеше да ме гледа право во очи и да ја зборува вистината. Моето време се мереше по него. Се заборавав себе и моите потреби. А љубовта што ја добивав, не беше љубов која ме правеше среќна, туку истрошена и полна сомнежи. Безусловноста беше дотаму што се помирив дека мојот принц на бел коњ е уствари еден плиток човек, кој се докажуваше пред себе со освојувања. Жалосно, повеќе за него отколку за мене. На свои 50-тина години, потврдата за себе да ја барате во флертови со се’ што носи сукња или тесни панталони е малку срамно. Паметам една случка кога сосем случајно налетав на него во маркет. Не ме виде, а јас оттогаш не верувам во случајности. И го видов токму она во што ме убедуваше дека е различен од другите. Гладниот поглед кога ќе поминеше убава жена, вртењето по неа и оној како што тој го викаше “матен заводнички поглед”. Ми се згади. што од него, што од себе. Истиот тој човек знаеше точно кога да исценира расправија за да ми ги расипе оние ретки моменти кога требаше да одам некаде. Истиот тој човек пред секоја промоција ми приредуваше стресови заради кои бев полумртва. И упорно тврдеше дека ме сака! Дека љубоморните сцени се од љубов. Дека навредите оти јас правам којзнае што на фејсбук се љубов и ништо повеќе од тоа.

Сакај ме поинаку.

Сакај ме зрело и здраво. Сакај ме на начин на кој ќе ми е убаво. Не ме љуби, или барем немој да ме лажеш дека ме љубиш. Јас разбирам љубомора, разбирам несигурност. Да, разбирам. Впрочем, нема вакцина против тоа. Ама има самоконтрола и има согледување на фактите. А фактите беа на моја страна. Тогаш сфатив дека на човек кој лаже не можам да му ја предочам вистината. Сфатив дека манипулативните луѓе секаде гледаат манипулација. Станав затворена, несреќна, депресивна. Станав уплашена дека во било кој момент можеби има некоја која ќе ме замени. А него го хранеше мојот страв. До моментот додека не затапев. Додека не станав уморна и расеана. До оној момент додека не сфатив дека почнав да не се сеќавам кога последен пат сум спиела мирно и сум станала со насмевка. Молев за трошка време и внимание. Дали се каам? Не. Никогаш не се каам за она што сум го направила од љубов и со љубов. Жалам по онаа Ана која беше своја и сигурна во себе. Жалам по онаа Ана која попатно некаде се изгуби и која уште ја барам. Имав доволно сила да речам СТОП и да ставам крај. Имав сила за да престанам да бидам во грч дали ќе се појави на местата на кои одам. А неговата самобендисаност оди дотаму што уште се обидува да ми ги наметне своите слабости како мои. Еве, денес можам да кажам со чисто срце дека веќе не успева. Знам што сум дала и како. Знам дека го љубев на начин на кој очите му светеа и се чувтвуваше како најважниот човек на светот, што и беше, барем за мене.

Не прифаќајте љубов која не е љубов. Не прифаќајте да сте сакани или вреднувани ни трошка помалку од она што го заслужувате. Сум била таму и знам што зборувам. Освен што слушате зборови, отворете ги и очите и гледајте ги делата. Тие најмногу зборуваат за човекот и најмногу ќе ви кажат она што треба да го знаете за некого.

Нему му должам благодарност. Да, немам повеќе бес, ниту фрустрација. Јас, драги мој имам 47 и не изгледам како 25. Имам целулит, брчки и свадбарки. Не носам кратки сукњи и не знам да заведувам. Ама имам срце кое знае како да љуби и имам чиста душа за да сакам безусловно. Простено ти е и ти благодарам што од мене го извади најубавото што можев да го дадам на еден маж. Денес е недела, 17-ти Март 2019 година. На денешен престанав да те сакам. Сосем обичен ден, сончев и мирен. Моето збогување е затворање на вратата низ која ми ги сервираше сите болки низ кои минав, не само јас, туку и оние на кои сум им важна во животот.

Денес откривам нова безусловна љубов...кон животот. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Жените кои знаат да љубат

Не говорат многу

Ниту пак те величаат до небеса

Не бараат ѕвезди да им симнуваш

Туку сакаат со тебе во нив да се пулат

Таквите жени нежни и грижливи се

И напати здодевни кога те прашуваат

Дал си јадел или дал арно облечен си

Тие жени знаат да те напишат

Дури и тогаш кога по нервите им одиш

И кога им иди да те протресат од бес

Тие галат со само еден прст

Во кој сета љубов од себе ја даваат

И ти поминуваат по образот

До виличната коска и усните

А прават да мислиш оти во нив влезен си

Таквите жени

Оние кои знаат да љубат

Знаат кога пет чекори назад да се вратат

Оти во својата љубов за тебе

Себе не се забораваат

Не од пуста гордост

Или горчлива суета

Туку оти себе ако не се сакаат

Нема ни тебе да можат да ти дадат

Таквите жени по твојот збор усни гризат

И во матката те држат

Како мајка чедото

Како сестра болниот брат

Како љубовница која нозете околу тебе силно ги стиска

И не те пушта да излезиш од неа

Жените кои знаат да љубат ретко љубени се

Оти не секој знае како да ги чува

Оти тие не се држат со прстен

Ниту можеш со слатки зборови да ги врзиш

Таквите жени плетат синџири

Од жилите кои во телото им се

И со нив за твоето срце се врзуваат

И нема азно со кое ќе ги намамиш

Ниту светкави дребулии со кои ќе ги накитиш

Ако душата не ти ја сетат

Тие жени

Жените кои знаат да љубат

Љубат ретко и силно

Љубат онака како што никој не знае да љуби

Со страст и бол

Со вкоренет ТИ во нивните утроби

Оти поинаку ниту знаат ниту можат

Ете пиле

Такви жени има

Жени кои знаат да љубат

Дури и тогаш кога љубени не се