Рускиот балет на мраз „Заспаната убавица“ во Скопје

На 1 декември, во Македонската опера и балет ќе гостува Државниот балет на мраз од Санкт Петербург, овој пат со изведба на претставата „Заспаната убавица“ од Петар Илич Чајковски. Станува збор за балетски спектакл на мраз што Државниот балет од Санкт Петербург го изедува на речиси сите светски балетски и оперски сцени. 

Во 2016 година, истата балетска екипа за прв пат гостуваше со изведба на познатото балетско дело “Лебедово Езеро” и побуди голем интерес кај македонската публика. Токму поради тоа наместо планираните две претстави во МОБ, се одржаа четири. Минатата година со истиот интензитет на интерес кај македонската публика, беше изведена “Оревокршачка” на мраз.

Државниот балет на мраз од Санкт Петербург е основан во 1967 година од кореографот Константин Бојарски и претставува успешно продолжение на традиционалната руска школа за класичен балет. Бојарски бил поранешен солист на светски познатиот балет „Марински“ и школски другар на славниот Рудолф Нуреев. Играл со Михаил Баришњков и Наталија Макарова. Музички директор и коосновач на оваа балетска куќа е Лео Коркин, познат руски диригент. 

Во балетската компанија има повеќе од дваесет танчари што имаат титули во уметничко лизгање. Од 1995 година балетот на мраз од Санкт Петербург игра и на сцените на светските оперски и балетски куќи. На нивниот репертоар се познатите балети на Петар И. Чајковски - „Заспаната убавица“, „Лебедово езеро“ и „Оревокршачка“, како и балетите „Ромео и Јулија“ и „Пепелашка“ од Сергеј Прокофјев. 

Сите изведби ги поставува кореографот Константин Расадин. Во последните години овие продукции успешно се претставени на сцените на САД, Канада, Европа, Кина.

Билетите се пуштени во продажба и може да се набават преку продажната мрежа на www.kupikartizase.com, Билетарата на МОБ, “Пола Југотон” и Цвеќара “Розе” - Веро 2.