РОДИТЕЛИ, НЕ ГИ ОГРАНИЧУВАЈТЕ ДЕЦАТА: Приказна за популарните јутјубери Иван Ајнштајн и Кике Цветче

Тие се Иван Бошковски и Христина Цветкоска, кај нивните фанови познати како јутјуберите Иван Ајнштајн и Кике Цветче. Песната на Иван „Да ти врне“ меѓу младите, а и нивните родители стана ултра хит. За една година и неколку месеци спотот има повеќе од 330 илјади прегледи на јутјуб.

„ Да ти врне на свадба, да ти врне на погреб, да ти врне на пораѓај, да ти врне на море, да ти врне по дома, да ти врне на викендица, да ти врне ко Сара Мејс, да ти врне под перница“, се дел од заразните стихови на песната чиј автор е Иван. Тој и Кике освен што се јутјуберски тандем, се двојка и приватно. Во врска се три ипол години. 

„ Дожд. Дожд ме инспирираше. Верувале или не, ја напишав додека ми врнеше у состојба на меланхолија помешана со револт за на крај да добијам хумористичен продукт. Ја поклонив на мојата публика пред година и пол негде и не ми се верува дека сè уште се слуша. Не можам да кажам дека е хит, затоа што не сум ја чул на радио со најава од чичкото со харизматичен глас, али ќе си земам за право да кажам дека е евергрин, очекувајќи дека нема да задржи нечие внимание повеќе од 1 месец, а уште е актуелна“, раскажа Иван за својот хит. 

Повеќе од две години, тој снима влогови. И не само влогов. Вели дека тие што не се упатени во јутјјуб светот, најверојатно не знаат дека како и во музиката, и во јутјубот постојат повеќе различни жанрови. 

„ Мислам дека ги имам опфатено речиси сите „жанрови“ на YouTube видеа. Може да се каже дека највеќе се чувствувам како влогер затоа што си имам изградено сопствен стил на монтажа на влоговите. Сеа, не сум измислил ни јас топла вода, ама мислам дека барем по тоа сум препознатлив. Во овие 2 и кусур години се имам највеќе испотено у живот. Не знам дали дека сум постар, па повеќе се потам, ама од друга страна па, слатка пот ми тече, пошо очигледно на 24 000 луѓе им се допаѓа истата“, ни раскажа Иван. По „Да ти врне, негов адут е новата песна „Вдиши“, за која вели дека е наменета за народот, за секој човек на земјава кој што разбира македонски. 

„ Инспирацијата ми е баш од тие што сакам да ја чујат и да ги реализираат  моите зборови во нивните животи. И нормално, Господ прво сам на себе брада си дал. Си помагам сам на себе со тоа што правејќи ги луѓето околу мене среќни, автоматски се елиминираат и моите проблеми“, вели Ајнштајн за  новата песна. И пејачката Сара Мејс и нензината позната „Врне, врне“ се дел од инспоирацијата на Иван. Го прашавме: чиј хит е поголем, неговиот или на Сара? 

„ Тоа би било многу себично да го кажам. Бројот на прегледи на YouTube не значи дека е поголем хит. Сепак, Сара Мејс ми била дел од инспирацијата за песната. Не го гледам ова како натпревар, затоа што никогаш не целам кон престиж во уметноста. Секој уметник се изразува на свој начин пренесувајќи ја својата уникатна порака на актуелната и на потенцијалната публика“, објаснува младиот влогер. 

Иван раскажува и оти ако не се случи нешто необично снимајќи влог, истиот не би бил интересен. Затоа и избора да ги снима кога очекува да му се случи нешто несекојдневно. Неговата публика, ја интресираат  места кои ретко кој ги посетил, и никој не ги прикажал на начин како неговиот.

„ Или пак ја интересира што се случува во мојот живот позади делата кои ги изработувам. Сакам луѓето да разгледаат од моја перспектива за да се одморат од она што го гледаат со нивните очи. Нормално, и јас истото го барам кај други креатори“, ни раскажа популарниот јутјубер. 

Со Христина се запознал пред три ипол години. 

„Се чувствуваме како да се знаеме 10 години. Можеби тоа и нè задржа заедно. Спонтаноста, разбирањето и компромисот. Совет: Кога одбираш животен партнер, пред сè одбери животен пријател за никогаш да не ти здосади“, велат Христина и Иван за нивната љубов. 

Заедничката работа, ги прави да се чувствуваат уште поблиски. 

„ Сметаме дека нема потреба да се двојат овие две работи, особено во нашиот случај, што и да работиме, го правиме со љубов“, велат Христина и Иван и додаваат дека и работата, снимањето влогови го сметаат за заднички поминато време. 

Кике, за разлика од Иван е релативно нова на јутјуб и вели дека експериментира со различни типови на видеа, за да види каде ќе се пронајде најдобро. Таа има интересна цел.

„Сакам да излеам од монотонијата и од клишето дека девојка во видеа мора да прави само „женски“ работи. На некој начин сакам да се претставам себеси во вистинско светло, затоа што од старт имам претстава и насока како се води Youtube канал и сметам дека е многу подобро да ме научат каква сум навистина, за тој што ќе ме засака, подоцна да не се разочара од мене“ , ни раскажа Христина. Таа се труди фановите да ја сакаат токму поради тоа што видеата не и се типично женски. 

„Од друга страна, мислам дека се среќни што придонесов за зголемување на бројот на женски јутубери. Пробувам да го рушам стереотипот дека девојките мора секогаш да се прикажуваат како женствени, отмени, да не речам дури и вештачки. Баш напротив, сметам дека треба да бидат опуштени и слободни, без страв некогаш да отидат до град без шминка на нив“, открива Кике. Таа важи за отворена и искрена девојка, која правејќи вежби во видеата, покажува дека вишокот на килограми воопшто не ѝ пречи. 

„ Тоа не се вишок килограми, тоа само значи дека во светот има повеќе Кике. Отсекогаш кажувам дека секој треба да си се чувствува удобно во своја кожа. Сѐ дур е така, никој не е доволно достоен да ти диригира како ти да изгледаш. Одлуката да смениш нешто во твојот изглед треба да произлегува од тебе, а не од нечие туѓо мислење. Така што, мојот совет кон сите жени, мажи девојки и момци е не само да се прифатат, туку и да се сакаат самите себе и сопствениот изглед“, ни раскажа шарматната јутјуберка. 

Интересна и мудра порака, упатија Иван и Кике за крај, за родителите на тинејџерите кои ги следат нивните видеа. 

„ Не ги ограничувајте вашите деца. Сепак, секоја нова генерација има различни интереси. Како и секоја друга уметност, не е задолжително секој да ја разбере причината зошто некому му се допаѓа. Во оваа интернет ера секој има пристап до сè и секој треба да има право да ја одбере својата занимација, да одлучи како да го потроши своето слободно време, а за најамбициозните, да се охрабри да креира нешто свое користејќи го својот талент на нешто што во иднина може да го донесе до степен да ги одговара истиве прашања за вашиот омилен портал“, велат симпатичните влогери.   

Милица Џаровска 

Линк до јутјуб каналите на Иван Ајнштајн:

https://www.youtube.com/channel/UCT3EP30sjBSfpKRcKaya9eg

Кике Цветче:

https://www.youtube.com/user/HrisLL