Ретро албум: Какви биле македонските ѕвезди на своите свадби

Ретро фотографиите од нашите јавни личности се секогаш интересни за јавноста. Особено оние свадбените. Во нашата свадбена галерија, избравме интересни моменти од свадбите на познати пејачи во последниве десетина и повеќе години.

Калиопи Букле и Васил Зафирчев

Оваа свадба која се одржа во 2004 година беше една голема забава на која запеа целата домашна естрада. Калиопи и Васил се венчаа во црвката Света Петка. Црковен кум им беше актерот Дејан Лилиќ, а сведок во матично, кралицата на ромската песна, Есма. Калиопи и Васил се разделија во 2011 година.

Јован Јованов и Николина 

Во јули, во 2011 година, композиторот Јован Јованов се ожени со својата девојка Николиа од Нови Сад. И оваа свадба почна на оригинален начин. Младенците, заедно со дел од гостите изиграа точка од филмот „Валкан танц“ со Патрик Свејзи и со Џенифер Греј. Јованови сега живеат во Канада, со ќарката Малеа.

Ѓоко Танески и Розе

Поп-пејачот и неговата сопруга Розе, по долга врска се венчаа летото во 2007 година во нивниот Охрид. Ѓоко и Розе, во ресторанот Острово во комплексот Свети Наум прво организираа ручек за повозрасните гости, а потоа забава за помладите која траеше до рано наутро. Младенците во ресторанот пристигнаа со чамец од изворите на Дрим.

Ламбе Алабаковски и Магдалена

Летото во 2013 година,  пејачот Ламбе се ожени со својата љубов Магдалена, битолчанка која долги години живеше во САД. Свадбата се одржа во Битола, а црковната венчавка во манастирот Свети Јован Бигорски. Забавата започна со песната „Магдалена“ од Оливер Драгојевиќ. Ламбе и Магдалена сега живеат во Америка со синот Михаил. 

(М.Џ.)