Психолог советува: Не им ја пренесувајте вознемиреноста поради вирусот на децата

Во периодот на изолација поради опасоста од ширење на коронавирусот, очекувано е да се интензивираат анксиозноста и депресивноста, вели за Женски магазин психологот Бојана Стојменовиќ. Низ неколку корисни совети, таа предлага како и возрасните и децата полесно да го поминат овој тежок период.

„ Нормално е да се појави страв и вознемиреност и кај возрасните и кај децата. Исто така очекувано е да се интензивираат и анксиозноста и депресивноста. Многу е важно да се уважат чувствата, затоа што кога тие се уважени имаат отворена можност за споделување. Разговарајте и споделувајте меѓу себе, но бидете внимателни и свесни за разликата во возраста. Овие неколку дена сите сме изложени на многу информации читајќи содржини кои дополнително влеваат страв и вознемиреност. Несвесно ние тоа го пренесуваме на децата бидејќи тие ја следат и реагираат на нашата вознемиреност, од друга страна споделувајќи содржини со децата кои не се соодветни за нивната возраст (не ги разбираат на начин како што ние ги разбираме) ние само им ја пренесуваме вознемиреноста“, вели Стојменовиќ. Според неа, постојат многу начини кои можат преку креативност да ја пренесат пораката.

 „ Ќе дадам еден пример односно домашен екперимент кој можете да го изведете дома. Во еден сад истурете разни светки и дозволете му на детето да ги допре рацете. Потоа дозволете му 10-15 минути да има слободна игра и да прави што сака. Подоцна повикајте го и разговарајте за светките на неговите раце. Преку метафора разговарајте за светките како за бактериите и вирусите. Обидете се да најдете на кои се површини сега има, на кои делови од телото, дали има и кај вас и слично. Потоа заедно во тоалет измијте ги рацете со сапун и млака вода. Бидејќи светките се многу лепливи, детето потешко ќе ги измие, но тука вие ќе можете да ја поврзете и приказната за важноста од миењето раце. Еве уште еден трик, додека детето ги мие рацете, нека испее една песничка. На тој начин на него миењето раце ќе му биде забавно. Времето во изолација можете да го креирате како сакате. Читање книги, гледање на филмови кои до сега биле на лоста на чекање, друштвени игри, игри со децата, заедничко готвење, домашно подучување“, советува психологот.

„Јас многу сакам природа и можеби тој дел на седење дома и мене ми е најтежок“, споделува Бојана свое лично искуство поврзано со изолацијата.

„ Не треба да заборавиме дека сето ова трае (ќе трае) одереден временски период и потоа полека ќе се вратиме на нашето секојдневие. Личната и општествената одговорност моментално имаат клучна улога. Излегување на тераса или пак двор сепак е нешто кое што можеме да го направиме, вметнување на домашна физичка активност или вежбање исто така. Лично не сум човек кој сака да биде долго време во затворен простор, па знам често во денот да затанам и да си повторам:” и ова ќе помине”, вели Стојменовиќ. 

(М.Џ.)