Првата средба во тренерки, драма пред запросување: Љубовната приказна на Елена Петреска

Во една прилика познатата пејачка се пошегува дека сите бараат партнер во дискотека, дотерани од глава до петици, а таа љубовта на својот живот ја запознала во тренерки и патики, без грам шминка на себе.

- Во периодот кога го промовирав спотот за песната „Маска“ имав интервјуа за кои ми требаа материјали од видеото, а јас не успеав да организирам фотограф на снимањето. Така, дојдов на идеја да „направам“ фотки од видеоматеријалот, но тоа не можев да го сработам сама. Еден другар ми предложи момче за кое ми нагласи дека е најдобриот ИТ-техничар што го познава. Момчето беше Андреј. Директно му отидов дома во „најлабавата“ варијанта- ни раскажа Елена.

Првото видување било само професионална соработка. Повторно се сретнале по 3-4 месеци.

Неверојатно интересен, но и драматичен бил и чинот на запросување. 

Петреска новогодишниот настап во казино во Гевгелија ќе го памети до крајот на животот. На договорениот настап заминала тажна, со неверување што ѝ се случува, откако три дена претходно со Андреј раскинале.

- Стигнав во хотелот, се пријавив на рецепција и тргнав кон апартманот. Кога ја отворив вратата помислив дека сум влегла во погрешна соба. Имаше многу цвеќиња и свеќи. Музиката во заднина беше песна од „У2“, нашата омилена. Андреј ме чекаше со прстенот. Во тој момент се скаменив. Не знаев како да реагирам. До пред неколку секунди бев уверена дека веќе нема никогаш да бидеме заедно, а следниот момент веќе бев негова свршеница- раскажа Петреска во интервју за „Антена“.