Промовирана новата сликовница „Девојче и мече“ од Ване Костуранов во „Литература.мк“

Во весела атмосфера, со многу деца, родители, љубители на современата детска литература и по некое кадифено мече, вчеравечер во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“ беше промовирана новата сликовница „Девојче и мече“ од познатиот македонски илустратор и уметник Ване Костуранов.

Книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е топла, сонувачка приказна за другарството и за растењето. Ова е втора сликовница за деца и возрасни од Костуранов, по успешната и наградувана „Ѕвездено дете“.

‒ Со „Девојче и мече“ си го исполнив ветувањето кое си го дадов кога првпат станав родител, дека ќе напишам по една книга за моите деца. Сликовницата е посветена на мојата ќерка Ава и на нејзиното мече. Со оваа приказна всушност таа расте. Повеќето илустрации се слика за нашето секојдневие откако таа го доби мечето на подарок. Во процесот на создавање на книгата беа вклучени моите деца, особено Ава. Таа беше првиот филтер. Мислам дека е многу среќна од резултатот – рече Костуранов.

Во новата сликовница едно девојче и едно мече ни ги отвораат вратите од нивниот свет, кој е исто толку обичен, колку што е необичен. Поминувајќи го сето време заедно, тие откриваат многу нови работи.
‒ Голем предизвик беше да се раскаже една длабока приказна, на едноставен начин, користејќи многу малку зборови. Сликовниците можеби изгледаат како најлесниот жанр од сите, меѓутоа, тие ги имаат најголемите социјални и естетски предизвици од целата детска литература. Во исто време, тоа е медиум преку кој децата добиваат важни информации, кои им помагаат да го разберат светот, им ја поттикнуваат фантазијата и им нудат утеха во тешки моменти. Визуелно, пак, сликовниците се првиот контакт на детето со уметноста. Илустрациите визуелно го збогатуваат читателот, со тоа што му даваат знаења без граници. Сликите се за сите, тие кажуваат приказни за кои не е потребен превод – истакна тој.
Авторот на книгата, Ване Костуранов, е роден во 1979 година во Струмица. Уште од мал повеќе сакал да се изразува со цртежи и слики, отколку со зборови. Неговата најголема желба – никогаш да не порасне, решил да си ја оствари сам, употребувајќи ги сликарството и илустрацијата како жива ограда од светот на возрасните. Својот светоглед го има споделено на повеќе изложби во земјата и во странство. Двата нови света што се создале со раѓањето на неговите две деца (Максим и Ава) ги преточи во безвременските сликовници: „Ѕвездено дете“ (објавена минатата година) и најновата, „Девојче и мече“ ‒ двете во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.