Пред огледало со Татјана Алексиќ: Се борам да се здебелам

Учениците ја обожаваат поради нејзината непосредност, пријателски однос и смисла за хумор. Професорката по македонски јазик во гимназијата „Корчагин“, Татјана Алексиќ е негувана дама која држи до себе. Има медиумско искуство во ТВ проектот „Сексуална азбука“, но пред сѐ интересна приказна за нејзините козметички ритуали. 

* Kаков е Вашиот дневен козметички ритуал? 

- Задолжително утринско миење со Дав сапун, дневна крема Еуцерин, а потоа по потреба мејкап. Не се шминкам секогаш, има денови кога одмарам и излегувам ненашминкана, особено преку лето. Јас сум просветен работник и шминкањето не ми е во опис на работната позиција, на учениците не им пречи ненашминкана учителка. 

* Со какви препарати го негувате лицето? 

- Млеко, тоник и сапун за чистење на лицето ми се стандард, никогаш не сум легнала да спијам со траги од шминка. Брендот ми е небитен, но и прилагодлив со буџетот. Ако нема млеко за лице, има на дното од тетрапакот мрсен талог или кајмак од млекото , идеален за симнување шминка, наместо тоник може да послужат кисела вода или чај од камилица, а да не набројувам за природни маски од квасeц, банана, белка, јогурт и магдонос и сл. Важно е негување во континуитет, а јас го правам тоа од рана возраст, гледајќи ги бабите, мајка ми и стрина ми како се негуваат. Баба ми на тоалетната маса со огледало имаше креми Јардли Бјути Меџик ноќна и дневна, мајка ми уште на времето користеше маскара со влакненца за продолжување трепки, во златна метална амбалажа на која брендот Маргарет Астор беше гравиран, а стрина ми сѐ уште на своите 84 години користи Клиник црвен руж за уста. Не сум виновна што сакам да се негувам, всадено ми е. 

* Посетувате ли козметички салони? 

- Да, кога можам, класични третмани за чистење на лицето во мое маало кај Мими во Дива салон, а за длабинско чистење со кристален пилинг кај д- р Петрушевска во ординацијата Д -р Анчевски. Имам мешана кожа, мрсна во Т зоната која бара темелно чистење. Првиот козметички салон, каде мајка ми ме носеше на депилација скришно од наставничките од ОУ ,,29 Ноември" ( беше ерес да се депилираш во 8 одделение) е кај Шури, најпрв во градот, во Тафталиџе кај Геодетски завод. Кај нив на пракса одеше старата гарда козметичарки Николина и Олга , кои работеа и во школскиот салон на средното стручно училиште ,,Димитар Влахов" како наставници по практична настава по предметот козметологија. Подоцна се појавија салонот на Алкалоид во ГТЦ и кај д- р Киро, Цвета во Капиштец, Италијанката Адријана на Рузвелтова и не се застана со отворање козметички салони и проширување на козметичките третмани , кои денеска се на многу пивисоко ниво. 

* Кои производи ги употребувате за нега на коса?

- Обично користам цимет и ореово масло помешани со регенератор како хранлива маска. Со години ме негува мојата малска фризерка Жане, со волшебните ампули на серум тиандер. Преку лето не користам фен за сушење на коса. Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка? Се обидувам да ги камуфлирам сѐ повидливите траги на годините, со техники на декоративна козметика која подразбира коректор, основа за мејк ап, добра течна пудра, шајмер за вештачка свежина, сет за исцртување веѓи и маскара, тие ми се основен алат. Сенки, руменила, кармини користам по потреба и соодветно на приликите. 

* Кои се Вашите омилени козметички производи? 

- Нема што не сум пробала, поскапите брендови само пробала, а поевтините и подостапни кои ги користам во моментов, се Макс Фактор, Арт деко, Буржуа... Што носите секогаш во Вашиот несесер? Крема, коректор, туфери за симнување шминка и ла бело. 

* Омилен парфем? 

- Новиот на Анџелина Џоли, Mon Guerlain, лавандата ми ги опива сите сетила. Го користам цветот од сушена лаванда меѓу алиштата, ме потсеќа на детството и мајка ми.

* Како ја одржувате линијата? 

- Не ја одржувам, со сета сила се борам да се здебелам и да не бидам линија туку жена со облини, ама безуспешно, ништо не можеш па тоа ти е. Не мрднав од 58 кг цел живот, ни после раѓањето на двете деца, ниту сега во предворјето на климаксот, кој полека но сигурно триумфура со гравицијата во пакет. Сѐ оди и тежнее надолу, а јас наивно се надевам дека на 55 години ќе имам идеални 65 килограми. 

Милица Џаровска