Пред огледало со Бојана Скендеровски: Скратувам од шопингот за да купам поскапа козметика

Шарматната водителка и пејачка Бојана Скендеровски секогаш привлекува внимание со својот изглед. Како автор и водител на емисијата „Улица Македонија“, а и додека беше активна на домашната естрада,  Бојана посветуваше многу внимание на својата нега и убавина. Таа е во шестиот месец од бременоста и мајка на Искра која има една ипол година. Бојана ни ги откри нејзините трикови за убавина. 

* Kаков е Вашиот дневен козметички ритуал?

- Дневниот козметички ритуал ми почнува и завршува исто, го чистам лицето со мицеларна вода,најчесто е тоа Еуцерин мицеларна вода, серум за лице неколку капки, на база на витамин Ц, и дневна крема Еуцерин.

* Со какви препарати го негувате лицето?

- За мене постои филозофијата дека по 35. година имате лице какво што заслужувате, тоа значи дека сѐ зависи од тоа како го негувате. Користам квалитетни препарати, зошто за мене е секогаш попаметно да скратам на некое парче гардероба, а да купам поскапо козметичко средство за лице. Ја користам колекцијата на Еуцерин и Есте Лаудер.

* Кои производи ги употребувате за нега на коса?

- Најчесто се тоа производи на Еуген перма,и различни масла за коса,арганово,бадемово.

* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?

- Најчесто ги прикривам трагите од умор, ако Искра била расположена за авантури предходната ноќ, хаха. Се трудам да користам минимално шминка преку ден.

* Кои се Вашите омилени козметички производи?

- Хајлајтерите ми се омилени,и руменилата во праска нијанса,и црвениот кармин.

* Што носите секогаш во Вашиот несесер?

- Многу нешта непотребни, ама пуста навика секогаш се таму. Руменило, кармин, камена пудра, лaбело и четка за коса. 

* Омилен парфем?

- Јас сум традиционална кога зборуваме за парфеми,омилен веќе 15 години ми е Хипнотик Поизон на Кристијан Диор.

* Како ја одржувате линијата? 

- Моментално не ја одржувам, зошто сум во шестиот месец од бременоста, но кога внимавам тоа е Хроно исхраната, која е ултимативен начин за слабеење и одржување.