Правиме римско вино и бесквасен римски леб: Интервју со Василка Димитровска

Во орманите имаме летна и зимска колекција од 15 антички римски костуми, многу керамика, накит и други реквизити. На нашите настани правиме и римска храна: го служиме римскиот бесквасен леб, римско вино и колачи, но тајната на состојките не ја откриваме – вели Димитровска

Василка Димитровска е интересен соговорник кој се обидува овдешното културно наследство да им го пренесе на луѓето на највозбудлив можен начин, секогаш настојувајќи да внесе капка живот, зрнце мистерија и многу љубов во она што го работи. Димитровска е магистер по археологија, директорка на „ХАЕМУС“ - Центар за научно истражување и промоција на културното наследство, менаџер по културно наследство, и професионален туристички водич.  

*Скупини романи“ е програма на „ХАЕМУС“ наменета за промоција и популаризација на културното наследство од античкиот римски период. На кој начин им го доближувате античкото минато на сегашните генерации?

- Станува збор за историска реконструкција и интерпретација на културното наследство. Скупини Романи во превод значи: граѓаните на античкиот град Скупи- античките скупјани. 

Работиме преку едукативни настани во вид на пеформанси каде го промовираме нематеријалното културно наследство - обичаите, со кое луѓето најчесто се идентификуваат. Тука спаѓаат античките „Розалии“ кои се исто што и нашата Задушница, па „Виналиа урбана“ или „Виналиа рустика“ - обичаи слични на обичаите врзани за нашиот Свети Трифун и за гроздоберот. Малкумина знаат дека голем дел од денешните празници или обичаи потекнуваат од античкиот римски период или од периодите пред него, а христијанството само ги асимилирало и малку видоизменило.

Во нашите ормани имаме летна и зимска колекција од 15 антички римски костуми, многу керамика, накит и други реквизити. Инаку, самата промоција може да е во вид на изложба, амбиентален перформанс или во вид на фестивал. Целта ни е луѓето да го видат културното наследство со поинакви очи.

Нашите настани се интерактивни, забавни и на нив учесниците  честопати сакаат да се облечат во античка одора. Правиме и римска храна: го служиме римскиот бесквасен леб, римско вино и колачи, но тајната на состојките не ја откриваме. Заинтересираните може да ги најдат на интеренет или пак да дојдат на некој наш настан.Се разбира, сега ги немаме истите состојки, но правиме приближна варијантна на некогашната храна со цел луѓето да го почувствуваат вкусот од минатото. Тоа се рецепти останати од античко римско време. Слободно можеме да кажеме дека римската храна била навистина здрава храна.

Обично избираме лежерна локација каде луѓето, ако времето е убаво, ќе си поминат еден убав ден. Овие настани се наменети пред се` за домашната публика, но некогаш и за странската. Бидејќи се занимаваме и со културен туризам некогаш ги вклопуваме во нашите туристички тури.


Кој дел од Македонија е најатрактивен за странските туристи?

- Најпривлечна им Старата скопска чаршија и визнатиското наследство. За жал, околу Скопје немаме археолошки локалитети со соодветна инрфраструктура каде посетителите ќе можат и подолго да се задржат.

Неодамна подготвивме водич низ византиското културно наследство во кој се опфатени поголем дел од византиските и поствизантиските цркви и манастири на територијата на Скопје и неговата околина. Сметаме дека ова е неопходно со оглед на тоа што археолошките локалитети и византиските цркви се меѓу најбараните споменици кај нас. Овој водич ќе им помогне на странците полесно да стигнат до посакуваните точки, да имаат основни информации за објектите, како и практични информации што треба да направат кога ќе се најдат во црква или во манастир.

Со една група американски туристи неодамна имавме интересн настан во манстирот „Св. Богородица“ во Матка. Таму монахињите прават свештенички облеки и добиваат нарачки не само од свештенството од Македонија туку и од Балканот. Интересно е што тие прават облека и за грчки свештеници што за американските гости беше малку чудно со оглед на политичката ситуација.


* ХАЕМУС успеа да ги впишете мартинките на мапата на светското нематеријално културно наследство на УНЕСКО. Како започна приказна со мартинките?

- Првата мартинка со која се сретнав уште како мала ја наследив од мојата баба која бегајќи од граѓанската војна во Грција ја донела од Солун. Во вакви ситуации луѓето со себе ги носат нешатата што најмногу им значат. Овој артефакт баба ми го наследила од својата прабаба. Мартинката е стара околу 150 години и таа влегува во нашето фамилијарно наследство.

Кога дојде предлогот од „Управата за културно наследство“ и од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, ние како организација решивме да се вклучиме со апликација за мартинката како светско културно наследство во УНЕСКО.

Според нивните стандарди, иницијативата треба да дојде од граѓанска организација која е некаков гарант дека станува збор за живо културно наследство. Се нафативме на долг правен процес и пред две години во декември, мартинката влезе во редот на светско нематеријално културно налседство на УНЕСКО. Ние се обврзавме дека ќе ја негуваме традицијата на мартинките и ќе ја пренесуваме на следните поколенија.

Секоја година на почетокот на март правиме големи настани. Oд  УНЕСКО не` обучија како да го интерпретираме овој обичај. Ни беше сугерирано настаните по повод оваа традиција да не ги правиме во музеј, туку на места кадешто има голема гравитација на луѓе и поради тоа одлучивме да ги правиме во молови. Годинава тоа беше во „Капитол мол“. Се покажа дека во опуштена атмосфера луѓето знаат и сами да ни пријдат и да ни раскажуваат за своето искуство со мартинките. Секоја година на овие настани имаме бројка од околу десет илјади луѓе. Мислам дека толку посетители немаат сите музеи во Mакедонија заедно. 


Која е симболиката на мартинката?

- Мартинката е традиционален украс кој ги симболизира народните верувања на Македонците и се поврзува или со 1 или со 14 март- празникот „летник“.

Мартинката се врзува со почетокот на будењето на природата, цветањето. Таа го слави принципот небо-земја, машко женско. Затоа  нејзините бои се црвено и бело... тоа се боите на природата но и боите на народите кои ги практикуваат овие обичаи- словенските народи. Мислам дека луѓето со многу љубов ја одржуваат оваа традиција. Мотото на обичајот е - подарете мартинка за радост, среќа и љубов!

Од неодамна се обидувате да го популаризирате и социјалистичкото културно наследство. Постои ли доволна историска дистанца за да го направиме ова?

- Имаме голем тековен проект со германската организација Форум ЗФД на тема „Зборува Радио Скопје“. Инспирацијата беше скопскиот земјотрес и локалната меморија  за  културното наследство кое настанало потоа.

Ова наследство се огледува во архитектурата - тоа се  модернистичките објекти никнати во времето на социјализмот. Од етнографски аспект сакаме да ги меморираме и промовираме традициите создадени и негувани во периодот на социјализмот. По временска дистанца од 50 години, можеме да ги разгледуваме и од научен аспект. Продуктот од овој проект ќе биде „Гугл плеј“ апликација каде ќе имаме информации за објектите создадени во постземјотресно Скопје. Наследството од социјализмот преку оваа апликацијата која бесплатно ќе се симнува од интернет, ќе им биде достапно на илјадници луѓе.

Мимоза Петревска Георгиева