Правам ботокс за регенерација: Ритуалите на Елена Стефановска

Водителката Елена Стефановска позната како Елена од „Живот со стил“, вели дека многуте обврски во текот на работниот ден знаат да ја изморат нејзината кожа. Елена ни раскажа за дел од своите ритуали за убавина која ја прават среќна.

„ Најомилен дел ми е масажа на лице. Редовни третмани на тело, од масажа, пилинзи до уредни нокти на раце и нозе“, вели водителката.

Секој нејзин ден почнува со миење на лицето со студена вода. „ Веднаш потоа го нанесувам серумот за лице со кремата за околу очи. На крај, дневна хидратантна крема која убаво ја нанесувам и на вратот. Сакам природен изглед со лесна шминка, не сакам многу бои на моето лице кога немам снимања. Никако и никогаш не легнувам со шминка. Сигурна сум дека тоа е тајната на добриот младешки изглед, чиста и негувана кожа, макар и во домашни услови. Затоа девојки мои, основната хигиена е најважна. Јас тој однос кон мојата кожа си го имам од кога знам за себе“, додава Елена. 

За нејзината руса, бојадисана коса, Елена вели дека бара многу  внимание. „Имам впечаток дека никогаш не може да биде потполно здрава колку и да и удоволувам“, низ насмевка раскажува водителката. 

„ Поради природата на работата често сум гостинка во фризерските салони, па оставам на нив да ми направат третман на коса. Најчесто ми ставаат ботокс за регенерација на косата. Во домашни услови мешам 3 видови на масла, маслиново, ореово и бадемово. Оваа маска ја оставам најмалку еден час, а пожелно е и да се преспие за да ја нахрани косата. Им советувам на сите што имаат проблем со сува и оштетена коса да си најдат време за нега на својата коса со оваа комбинација на масла“, се дел од малите тајни за нега на Елена.