Потребни ни се жени и на премиерска позиција: Интервју со Мила Царовска

Кај идните генерации сакам да постигнеме јасна визија дека родовата еднаквост е учество на сите граѓани во државата на сите функции  и дека таа не е борба меѓу меѓу мажите и жените. Дека жените не заземаат ничиј простор, туку едноставно учествуваат подеднакво во општетсвото– вели  Мила Царовска, Министерка за труд и социјална политика

Мила Царовска е еден од највпечатливите женски ликови што се појавиле на македонската политичка сцена. Ситна по конституција, но мошне енергична и храбра, таа изгради имиџ на жена политичар со силен интегритет и јасна визија.  Со неа разговаравме за сето она на што е горда, но и за она што не успеа докрај да го оствари во текот на нејзиниот мандат.

*Наскоро си одите од функцијата Минстерка за труд и социјална политика. Како лично, пред себе, би го резимирале она што го сработивте на ова поле изминативе години?

-Можам да кажам дека поставивме нови стандарди во социјалната заштита и  ја сменивме перцепцијата на граѓаните за најранливите категории. Во Министерството создадовме една динамика  на работа којашто покажува резултати и тоа ме радува.  Дали постигнавме се? Секако не. Ние сме само на половина пат од реформата. Ако имаме стабилен систем на социјална заштита, минимум уште десет години треба да се работи со ист интензитет. 

*Дали имавте некоја конкретна цел која лично ви беше предизвик да ја остварите, а поради склоп на околности не успеавте?

-Децата на улица се проблем за кој уште кога дојдов на позицијата министер, бев свесна дека тешко ќе се надмине во еден мандат. Јас длабоко во себе сакам да нема повеќе деца на улица, Но тоа е  многу комплексен проблем,  иако навидум изгледа едноставен. Сигурна сум  дека ако продолжиме со овој интенизтет, ќе го надминеме. И навистина, со реформите многу направуивме во делот детската сиромаштија. Детската сиромаштија е најскапа и тука најмногу вложивме.

За да ги тргнеме децата од улица, треба да се намали сиромаштијата кај семејствата на овие деца. Тоа делумно го направивме со гарантиран приход, инвестиравме во детски образовен додаток  со цел тие деца  да одат во училиште и дневен центар наместо да бидат по улици. Овде исто така се соочуваме и со чинот на злоупотреба детскиот труд.

За надминување на ова, треба заеднички да дејствуваме во кординација со полицијата и трудевиот инспекторат. Исто така, треба да се искоренат и мрежите кои го искористуваат трудот на овие деца.


одовата еднаквост во нашето општетсво се` уште е мислена именка. Во кои области е најочигледна нерамноправноста на жената и како вие како министерка делувавте во надминување на ваквата состојба?

-  Факт е дека родовата ненеднаквост се` уште е присутна. Ние веќе работиме на неколку фронта. Пред се` работиме на промената на перцепцијата, ставовите на целото население за улогата на жената во нашето општество.

Родова еднаквост значи учество на жените во сите сектори. И токму затоа оперативните мерки за вработување ги адаптиравме со цел да се постигне 50 отсто од нив да се искористени од жени. Тоа укажува дека ги мотивираме жените да бидат економски независни. Кога една жена е економски независна, таа има простор да се гради и себе си и да учествува во сите општествени текови. Има уште многу борба пред нас. Јас лично многу сакам да вложуваме во девојчињата. Кај идните генерации сакам да постигнеме јасна визија дека родовата еднаквост е учество на сите граѓани во државата на сите функции  и дека не е борба меѓу меѓу мажите и жените. Дека жените не заземаат ничиј простор, туку едноставно учествуваат подеднакво во општетсвото.

*Занемарливо е учеството на жените и во политика. Постои ли визија и механизам да се смени ова?

-Јас веќе гледам  дека работите одат на подобро. За прв пат во државата имаме влада во која учествуваат дури пет жени кои водат пет моќни ресори. Тоа ми дава надеж дека тој број нема да се намалува, туку дека ќе се зголемува. На наредните парламентарни избори ќе се оди со учество од 50% на жените на изборните листи. Тоа е важен сигнал. Жените ни се потребни на сите нивоа, па и на премиерска позиција. Ни требаат повеќе жени и на извршни функции и на директорски функции и на се` што значи учество во распределба на моќта . Потребно ни е уште повеќе жени да сe охрабрат да влезат во таа битка и да го развијат својот потенцијал за лидерство.


*Деинституционализацијата како социјална мерка за извлекување на луѓето, осбено на децата со попреченост од институциите каде беа згрижени, предизвика  низа негативни реакции.  Ова извади на виделина една грда слика за овдешниот човек. На што се должи таа?

- Кога го почнувавме процесот на деинституционализација, повеќето луѓе не го ни разбираа овој технички збор, а медиумите не известуваа. Кога се случи Тимјаник, сите ја разбраа хуманата димензија на овој тежок збор. Тимјаник беше симбол на кршење на стереотипите. Луѓето разбраа дека овој збор значи вклучување меѓу нас на лицата кои биле излоирани со години. Да не живееме едни покрај други, туку едни со други. Во Тимјаник населението реагираше така повеќе од страв и незнаење. Всушност и сите стереотипи и предрасуди потекнуваат од незнаење. Кога ќе се соочите со она од коешто се плашите,  гледате дека тука нема ништо страшно, и  тоа е фазата кога луѓето почнуваат вистински заеднички да живеат. Тимјаник е приказна која ни покажа дека кога ние како држава имаме јасна визија, кај населението може  многу брзо да се постигне промена на ставовите.  Ние како Министерство, бевме конзистентни и многу борбени во спроведувањето на оваа одлука. Кога жителите на Тимјаник вистински се соочија со приказната, увидоа дека нивните деца од оваа ситуација добиваат многу повеќе отколку децата во малите групни домови. Дека нивните деца учат што е тоа различност и дека можат заедно да си играат со овие деца. Дека така учат и за соживотот. На моја голема радост, сега сме во фаза на носење на колачиња и заедничко славење на родендени.

*Како во иднина ја гледате целосната интеграција на луѓето со попреченост во општеството?

-Кога зборуваме за ова, не треба да мислиме за тоа што треба да направи само Министерството за труд и социјала, туку целиот систем – како да ги адаптира услугите на нивните потреби.  Лицата со попреченост немаат бариера, општеството треба да ги тргне  своите бариери за да им биде на услуга на овие луѓе. Тоа не е адаптирано подеднакво да им служи ним како што им служи на другите граѓани. Потребно е целосно да се адаптира инфраструктурата и  тоа е еден од приоритетите тие луѓе да може да имаат пристап секаде. Треба да се осовремени и здравствениот систем, но за некој процес да даде резултати потребни се минимум пет години. А за ваква трансфорамција - од едно тотално нехумано општество кое не се грижи за најранливите, во хумано и праведно, требаат минимум 10-15 години и сите политички партии да имаат национален консензус дека ова е потребно.


*Данската премиерка предлага четиридневна работна недела и шестчасовен работен ден, додека на Балканот суровиот капитализам диктира  сосема друго темпо.  Неблагодарна е споредбата со скандинавските земји, но што мислите - треба ли да имаме жена премиер па да зачекориме по патот на едно похумано општество?

-Жени ни требаат на сите позиции еднакво како и мажите. За хумано опшество треба заеднички да се борат и мажите и жените. Оваа влада и со маж премиер покажа дека сака да вложува во хумано општетсво. Треба само да останеме на таа патека. Со Данска не можеме да се споредуваме,  но не е невозможно да постигнеме подобри услови за работа и поголема продуктивност. Тогаш ќе имаме повеќе и за расоределба.

*Што си посакувате за себе во наредната година - професионално и приватно?

-Професионално сакам да останам со истиот ентузијазам и ништо да не ме поколеба во борбата за поправедно општество. На личен план, на син ми му посакувам среќа и мирно детство. А на семејството – годината која ни носи многу предизвици, заеднички и сплотено да ја поминеме.

Мимоза Петревска Георгиева