Постоењето ни е неизвесно, немаме бескрајно време: Утринско кафе со Ивана Хаџиванова

Утрото ми е време за себе, за расонување и подготовка за денот. Си оставам доволно долго време за истото, не го започнувам денот со брзање. Утринското кафе го уживам сама, а во последно време се случува и да правам телефонски разговори со најблиските пријатели. Знам да си пуштам и медитативна музика, афирмации и слично, со цел мојот ден да започне со убава мисла и благодарност. Во тој период се уште не одговарам на професионални повици. Тоа започнува во 10 часот, со моето пристигнување во мојот кабинет за психотерапија.

Сознанието дека мојот живот не е вечен, ми ја прави волјата за живеење огромна. Нашето постоење е неизвесно, немаме бескрајно време, а јас имам толку многу работи кои сакам да ги правам и уживам. Оваа емоционалната свесност ми е секојдневен силен двигател.

Во однос на мојата работа како психотерапевт, најмногу од се ме мотивира кога го гледам прогресот кај моите клиенти, остварувањето на нивните цели, подобрувањето на нивното ментално здравје, надминување на животни кризи и се поголемото животно задоволство. Поубава мотивација од насмевката и благодарноста изразена од задоволен клиент кој имал потешкотија во душата, па се ослободил, за мене како психотерапевт и човек нема. Ме мотивира и мојот личен прогрес. Моите клиенти учат од мене, но и јас постојано и паралелно со нив. Желбата за се поголема стручност, знаење и помагање на другите, во мене се неисцрпни, и тоа ме движи напред. 

Дневни обврски се закажаните клиенти кои ја даваат довербата на НЕОКОРТЕКС- Центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација. Индивидуални, партнерски, семејни психотераписки сесии, психодијагностика на клиенти, односно професионален контакт со деца, адолесценти и возрасни кои имаат потреба од психолошка стручна поддршка, се моето секојдневие. Некои денови од неделата, со големо задоволство ги водам и моите психотераписките групи. Други денови се посветени и за соработката со поголеми компании и во мојот распоред е и одржувањето на тренинзи, работилници и предавања за вработените во нив. Работата ја работам со преголема љубов и посветеност и иако е со голема одговорност и своја тежина, ме исполнува и прави многу среќна.

Работните обврски ми завршуваат доцна во попладнето, а потоа ми следи период за одмор, рекреација и социјализација. Тој период го исполнувам со дружење и вечера со семејството, пријателите и спортска активност која ми е многу потребна, бидејќи работата ми е емоционално и интелектуално многу активна, но физички пасивна. Затоа, се трудам и не го заборавам своето тело, односно општо здравјето и грижата за себе во сите аспекти.

Книгите и читањето се секојдневие за мене, нешто што природно ми следи во денот. Континуирано читам стручна литература и тоа е најчесто во вечерните часови, пред легнувањето, и за мене е важна потреба и ритуал без кој не можам да се замислам. Но, многу сакам да изгледам и добар филм и тв серија, особено во зимскиот период, па ги имам изгледано речиси сите кои се со психолошка и криминолошка тематика. 

* Ивана Хаџиванова, психолог и психотерапевт