По соборениот рекорд во гледаност, екипата на „Врба“ вечерва во Милениум има средба со публиката

За само 20 денови „Врба“ ги собори рекордите на гледаност. Филмот досега го видоа повеќе од 20.000 илјади гледачи во Синеплекс и Милиниум во Скопје и во речиси сите градови од земјава.

Повеќето проекции во Битола, Охрид, Струга, Прилеп, Штип, Куманово, Крива Паланка, Свети Николе, Кочани, Богданци, Крушево, Гевгелија, Виница, Радовиш, Пробиштип, Македонска Каменица, Кавадарци... беа распродадени.

Приходот од проекцијата во Делчево на 3. декември ќе биде дониран во Дневниот центар за лицата со посебни потреби.

По светската гала-премиера во Рим, „Врба“ ја имаше азиската премиера на фестивалот во Тајпеј, каде Манчевски беше режисер во фокусот. Неколкуте проекции на „Врба“, како и проекциите на неговите останати филмови, беа целосно распродадени, а тој одржа и мастерклас за обожавателите.

Вечерва скопската публика ќе има ретка можност одблизу да поразговара со филмската екипа и да постави прашања врзани со филмот.

Веднаш по завршувањето на редовната проекција на „Врба“ од 20 часот во киното Милениум, гледачите ќе присуствуваат на сесија прашања и одговори со главните актерки и актери во филмот.