ПЕЈАЧОТ ДИМИТАР АНДОНОВСКИ СТАНА КОМЕРЦИЈАЛИСТ: Се вработив за да си ја обезбедам иднината

Поп-пејачот Димитар Андоновски од неодамна стана комерцијалист. Димитар, кој паралелно гради соло-кариера и е вокал на групата „Димитар и Тајфата“ вели дека се труди да балансира помеѓу музиката и новата работа.

„Се вработив за да ја обезбедам иднината, моја и на моето семејство, бидејќи со музиката тоа никој не може да ми го гарантира. Работам во „Жито лукс“, комерција и набљудување на дистрибутерите и дистрибуцијата за регионот: Битола, Прилеп, Ресен и Демир Хисар“ ни изјави пејачот. Димитар со сопругата Христина и со синот Михаил, кој во февруари наполни една година живее вo Битола. За него, ова е прво официјално вработување.

Димитар со сопругата Христина и со синот Михаил живее во Битола


„Музиката ќе остане нешто што ќе го работам за викенди. Ќе ги балансирам обврските“, вели Димитар и додава дека станувањето рано воопшто не му е проблем и покрај досегашниот биоритам на кој е навикнат- вечерните и ноќните настапи. „Немам проблем со станување наутро. Особено ако знам дека имам обврски. Самиот се будам, многу често и пред алармот“.

Во декември лани, пејачот во интервју за Женски магазин отворено зборуваше за своето семејство и за големата тага од минатото, загубата на неговиот татко, кога имал само девет години.

„Среќен сум што ја имам Христина за жена затоа што во денешното модерно време кога сите вредности се изгубени реткост е, но и ѝ дар од Бог да имаш вистински човек покрај себе. Му Благодарам на Бога што ни го подари најпрекрасниот син на светов. Михаил ми го промени комплетно животот, се чувствувам исполнет, среќен и сфатив дека ништо друго на светот не е поблагословено и повредно од семејството. Христина е многу посветена мајка и навистина покрај бројните обврски коишто ги има околу детето скоро дипломира на Филозофскиот факултет како историчар со највисок просек. Едноставно се гордеам со неа. Мојот внук Николај е мојата прва љубов од страна на сестра ми. Дете полно со љубов за секој. Има само 2 и пол години, а е толку многу интересен и харизматичен што не ме чуди еден ден да се занимава со јавна професија како мене и сестра ми Маја која е актерка“, изјави Димитар тогаш.

Димитар со неговиот бенд „Тајфата“ на ланскиот МАРС добија награда за хит


Загубата на неговиот татко кој бил познат гинеколог во Битола, е голема загуба за семејството Андоновски. „Јас бев дете и нормално ми беше многу тешко затоа што чувствував голема потреба за неговото присуство. Но, благодарен и сум на мојата мајка Гордана којашто се постави како столб на семејството и во различни ситуации беше и татко и мајка. Таа не научи како да се бориме во животот и не воспита во луѓе со коишто верувам дека се гордее денес. Таа за мене е жена која е најголемиот борец што го познавам и човек од кој сум научил многу животни работи.“, раскажа Димитар во интервјуто.

Негов актуелен сингл со „Тајфата“ е песната „Остани“, која лани доби награда на радискиот фестивал „МАРС“ а неговиот последен соло сингл е „Само ти“. Тимот со кој Андоновски редовно соработува е тандемот, сестрата и брат Магдалена и Лазар Цветкоски.

Милица Џаровска