Партнерството ми е вредност: Дани Димитровска искрено за љубовта и за музиката

Албум „Град за љубов“ и дваесетте години на музичката сцена се повод за нејзиниот прв солистички концерт, кој ќе се одржи на седми март, а е најавен како рок-симфонија. Дани Димитровска со љубов зборува за настанот во Македонската филхармонија, и за синот Лазар велејќи дека очите му се смеат на секој нејзин успех. Кусо, и со избрани зборови, таа сподели детали и за својот партнер, поранешниот кошаркар Весел, кој е сопственик на еден скопски локал. 

- Што ветуваш на концертот на седми март, каква рок симфонија ќе гледаме ?

* На 7 март (четврток), во Македонската Филхармонија ќе одржам свечен концерт по повод 20 години постоење на музичката сцена. Ќе бидат изведени мои песни кои оставиле белег низ годините во малку поинаков аранжман. Во придружба од четириесетина музичари од филхармонискиот оркестар, на чело со диригентката Бисера Чадловска, ќе пренесеме љубов низ ноти. Сите имаме потреба од тоа, во овој град за љубов.

* Ова е твој прв голем концерт, освен пробите со бендот и со музичарите од Филхармонија, како се подготвуваш? 

- Со проби започнуваме една недела пред концерт, сѐ ни е спремно и едвај ги дочекувам истите. Психички и кондиционо сум спремна уште многу одамна, а вистинското време за вакво нешто е секогаш сега.

* Јавноста малку знае за твојот партнер, поранешниот кошаркар Весел, што вели тој за концертот што следи, колку неговото мислење ти е важно?

- Партнерството ми е вредност. На кој не му е, а јавноста знае сѐ она што сака да знае. Моите најблиски не ми делат мислења, вистински блиските луѓе не паметуваат. Тие поддржуваат. 

* Која особина најмногу ја сакаш кај твојот партнер, во што најмногу уживате кога немате обврски?

- Одење на концерти ни е заедничка пасија.

* Во претходно интервју ми спомена дека го караш синот кога ти ја зема гитарата, дали Лазар се уште покажува интерес за музика?

- Гитарата е веќе негова своина. Интересите му се во друга насока.

* Дали синот ти е музички критичар, што вели тој за албумот „Град за љубов?“

- Како што кажав погоре, моите најблиски не се расфрлаат со паметувања. Син ми точно го знае значењето на музиката во моето срце. Очите му се смеат на моите остварувања и секогаш е безрезервна поддршка. Возрасен е.

* Која песна од новиот албум најмногу ти се залепи за срце, која најдобро тебе те опишува?

- "Суштина" ми е суштината на сѐ. „Свети" е директна порака без заобиколувања. "Слободна песна" е Јас.

* Значително ја намали тежината со протеински начин на исхрана, како ја одржуваш?

- Со балансирана исхрана. До навиките е.

М.Џаровска