„Откако сме во Австралија традицијата за православните празници повеќе ја почитуваме“: Велигденско интервју со Татјана Лазаревска

За Велигден се вапсуваат црвени јајца, кои се симбол на овој голем христијански празник.
Фолк – парот Татјана и Новица иако веќе десет години живеат во Австралија, традицијата за почитување на сите големи христијански празници си ја зачувале и си ја почитуваат.
Воскресението на Господ Бог Исус Христос, неговото страдание и вапсувањето на велигденските јајца е првата асоцијација за Тања за овој голем празник.
Низ годините обичаите се менувале, но некои останале исти, па Велигден од детството на Татјана е поврзан со семејните седенки.
„Велигден од моето детство е поврзано со фамилијарните седенки во родното село на мојот татко Стефан, и натпреварите во кршење јајца со братучедите“, раскажа Татјана за Женски магазин.
Велки четврток е денот кога се вапцуваат првите црвени велигденски јајца. Тоа што го правела нејзината мајка низ годините, сега тоа го прави таа.
„Задолжително и со големо задоволство. И секогаш со првото велигденско јајце по примерот на мајка ми, ги галам моите деца по лицето за здравје“.
Иако веќе 10 години не живеат во Македонија, велигденските традиции и обичаи остануваат исти за Татјана и нејзиното семејство.
„Велигден за нас православните Македонци без разлика каде и да сме низ светот, верувам е ист. И ние семејно одиме во црква и со радост го пречекуваме Христовото Воскресение. Ние фамилијарно го постиме цел Велигденски пост и често одиме во црква за време на постот“.
Околу домаќинските работи и вапсувањето на велигденските јајца, вели помош нема, но и нема потреба бидејќи ужива додека го прави тоа сама.
„Секоја година се одлучувам за традиционални црвени јајца со обична црвена боја и по некое шарено јајце, а за дечињата ставам и по некоја сликичка“.
Декорацијата во домот за време на големите празници ја сака, но без претерување. Сака да има по некој велигденски декор, но тоа да биде умерено.
„Искрена да бидам од како се преселивме во Австралија традицијата за нашите православни празници ја зголемивме и ја почитуваме уште повеќе, можеби затоа што сме далеку од татковината“.
Велигденската трпеза не поминува без печено месо, многу салата и торта за десерт.
Овој Велигден Татјана, Новица и нивните синови Петар и Стефан го пречекаа фамилијарно во домашна атмосфера, но за денес втор ден Велигден можеби и ќе ја посетат плажата, откри Татјана за Женски магазин.
Габриела Додевска Глигоровска