Од појадок во кревет до романтично патување: Најубавите запросувања на познатите

Маја и Ѓорге Иванови

Пред неколку години на манифестацијата „Здрава храна за детство без мана“ која се одржува во Валандово, госпоѓа Маја Иванова откри дека Претседателот Иванов ја запросил со калинка.

- Мојот сопруг ми предложи брак со калинка и со зборовите: „Како што се сплотени зрната во калинката, така да бидеме сплотени и ние цел живот“ – изјави Првата дама на Република Македонија која на идните млади брачни двојки им порача калинката да им биде симбол на заедништво и сплотеност.

Верица Пандиловска и Звонко Гичев

Верица Пандиловска со сопругот Звонко Гичев долг период се дружеле пред да станат дечко и девојка. Им требало извесен период за да разберат дека пријателството треба да се продлабочи, а познатата пејачка пред неколку години во интервју за „Дневник“ откри дека интересен бил и моментот на запросување.

- Едно утро Звонко ме разбуди со прекрасно сервирана чинија со свежо овошје. Ме погледна со неговите волшебни плави очи и клекна до креветот во нашата спална. Ме изненади, бидејќи во првиот момент не сфатив за што се работи. Сè уште не бев расонета. Забележав дека во средината на чинијата има нешто невообичаено. Тоа беше порцеланска кутија за накит во форма на срце. Ја отвори. Во неа стоеше златен прстен. Се насмеа и ме праша дали ќе се омажам за него. Се разбира дека веднаш се разбудив. Тоа беше едно од моите најсреќни утра–раскажа Пандиловска.

Маја Сашек и Дејан Пановски

Нашата манекенка со интернационална кариера, Маја Сашек, во една прилика раскажа дека сопругот Дејан Пановски ја запросил на патување во Италија. Нејзиниот партнер клекнал на колена на темата That’s Amore, хитот на Дин Мартин.

- Ме запроси во Равело, Јужна Италија, кое е едно од најубавите места кои некогаш сме ги посетиле заедно - откри македонската убавица.

Ѓ.С.