Од љубов до омраза

Таа...таа љубов што удира без најава и прашање. Токму таа што сите граници ги изместува и се раѓаш како нов човек, како некој за кој си знаел дека имаш капацитет и потенцијал да бидеш, ама ете, не си имал можност. Ете таква љубов, онаа која не е зачинета со слатки изјави, туку е космички спој на душите и умовите, а телото само го следи патот. Љубов која и кога телото ти боледува, дава сила и ги врвиш сите проблеми и болести како прошетка покрај кеј. Онаа која те држи во грч кога ги чувствуваш сите дразби што роварат, која чекорот ти го прави толку лесен што се чувствуваш како да си неколку прста над земја. Љубов која не те оглупавува, туку ти го држи умот вклучен на најсилно. Таа од која те болат прстите за да допреш, па ти цвили кожата од потреба и желба да се споиш, да го дишеш оној другиот.

Тоа е таа љубов од која ти се чини дека умираш и воскреснуваш и која се случува само еднаш во животот со таква силина, од што се’ пред неа и после неа ти изгледа само како бледа копија на скапоцен накит. Тоа е таа љубов за која се книги пишувани, трагедии опејувани, филмови снимани. Да се преброиме? Колкумина го имате ова доживеано? И што е уште поважно, колкумина од вас кои го доживеале го живеат уште со истиот човек? 

Трескањето на љубовта кога таман ќе си спастрен за да не ја доживееш е шок. И тоа голем. Ич не ме прашувајте од каде знам, нели сме договорени дека тука сме искрени до болка! 

Нема да зборувам за случување на ваквата љубов, никој од нас ја нема таа среќа да е поштеден од тоа. Денес ќе зборувам за одржување на ТАА љубов и за умешноста на човекот да ја прифати, а што е уште поважно, да чува и негува, да се бори и да ја развива. Не сум од оние кои веруваат дека може да е таа состојба нешто на што човек се навикнува и дека со тек на време станува имун или ја зема здраво за готово. Барем имам доволно години за да знам колку е реткост и колку вреди и дека сум спремна (конечно СПРЕМНА) да ја живеам независно од сите принципи кои сум ги поставила во животот.

И ете ја, се случува. Ве остава без здив, се живее со полни гради, па и боли озгора. Колку сте спремни за...не би го нарекла жртва, оти не е...туку, колку сте спремни да исчекорите од себе за да ја доживеете и да ја живеете?

Борбата со себе, со сопствените кочници, желбата за контрола, љубомората, посесивноста. Колку може да биде моќта на она што сите го посакуваме за да излеземе од себе и да ја живееме достоинствено, токму онака како му прилега на тоа возвишено чувство. Не бев, никогаш не сум била. Дури и тогаш кога сум мислела дека љубам сум била целосно под контрола, со отсуство на спонтаност и страв да не се изгубам себе попатно. Знам едно чудо луѓе кои влегле во љубов скроз ослободени, а кои живеејќи ја, си имаат сами ставено сопки. Желбата да се поседува нешто, што добива облик во еден човек кој ви станува центар на светот, е првата сопка која најчесто е и онаа од која се’ понатаму оди надолу. Потребата да се контролира партнерот, да се стават рамки и граници во кои ама апсолутно не може да се стави човечкиот ум, се проблем кој станува убиец на љубовта. Дури и оние кои љубат безрезервно и на кои не им паѓа на ум да ве повредат со било што, со тек на времето стануваат дистанцирани. 

Слободната волја е онаа која држи заедно. Не се тоа редовните контроли од типот “кој/а е оној/онаа”, “со кого се допишуваш”, “каде беше”. Ние луѓето имаме фантазија од невидени размери кога сме ставени во тесно и кога се чувствуваме дека ни е загрозена слободата. Не ми земај она што сакам да ти го дадам своеволно. Не треба да ме прашуваш, оти сама кажувам. Не ме контролирај, оти ме губиш. Толку е едноставно. Отсуството на љубомора не е знак на отсуство на љубов, туку присуство на доверба. Се научив да прашувам само едно нешто “дали треба да се грижам за нешто” и да имам потполна доверба кога ќе ми се каже дека е се’ во ред. Кога некому му го ставате срцето на дланка, првично сте имале верба дека ќе знае да ви го сочува. Зошто тоа се менува? Побогу, та стално ќе има поубави и позгодни од мене, ќе има попаметни, ќе има пошармантни...ама ниту една не може да биде јас. Комбинацијата која е во еден човек и кога таа ќе заскокотка некого е за мене меродавна за односот. Особено на овие години.

Да, можам да тркнам и да си направам нови гради, да ми го исцицаат целулитот, да ставам сега и надградба на нокти, трепки, коса, педикир (тука само ќе кажам дека една продавачка слатко ми се изнасмеа за прстите на нозете, а си кажав најискрено дека имам најнеженствени прсти кога ме тераше да пробам сандали) што и да е...ама градбата сум јас. Гради едвај 75Ц, целулит на задникот и бутовите, трепки мои (такви какви што се), нокти доволно кратки за да можам да куцкам, а за тоа на косава што и’ правам да не зборувам. Не сакам да менувам кај себе нешто заради некого, особено не за да се натпреварувам со времето и со други жени. Не го можам тоа, ќе се опседнам, ќе се поболам и ќе бидам длабоко несреќна. Ова сум, таа сум. Тоа важи за секоја од вас, која има сомнеж за сопствениот изглед. Тоа поминува после извесно време. Па и партнерите на познатите убавици се веќе навикнати на нивниот изглед. 

Не е до лицето, ниту до телото...туку што со нив. Ако ви свети лицето од мир и љубов, ќе бидете најубавите жени. Ако телото знае да се препушти на сите игри, ќе бидете и најсексипилната. Се’ друго е само оболување. Магијата се одржува со давање, несебично и без кантар. Магијата е во она да се дадете себе, да сте нежни и внимателни со оној што го љубите. Да слушате, да зборувате, да не пикате проблеми под тепих кој еден ден толку ќе се наткрене што глава ќе искршите. Магијата е во довербата, во градењето на НИЕ, а сепак секој од вас да си остане свој. Магијата е во вашата умешност и во умешноста на партнерот да одите секој ден чекор погоре, да растете заедно. Нема лимит, љубовта нема лимит...исто како и омразата кога ќе ја сведете љубовта на тривијални нешта од кои ќе станете несреќни. 

Ви сакам љубов до небото...и никако назад. Таква...да сте ми живи и здрави. 

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтескa

Можеш ли да го опишеш трепетот

Од присуството на нечие отсуство

Да си на чисто со себе

Дека ете, покрај тебе е

Дури и тогаш кога не го гледаш

Та во мислите допираш и дишеш

Телото, кое не го познаваш

А како твој ампутиран дел е

Мирисот, за кој знаеш дека е ваш

Од заедничка пот и слуз

Која не е измешана меѓу изгужвани чаршафи

Можеш ли да го опишеш мигот

Кога времето застанува

И бесконечност станува

Токму тогаш кога гласот негов

Ти ја запоседнува матката

И сокови ти буди кои одамна ги нема

Како река која низ векови пресушила

Та и сама кога седиш

Стопена во лица кои не ги познаваш

Чувствуваш како навлегува во тебе

Толку полека што дури и болката се развлекува

Можеш ли да ја опишеш жената во себе

Онаа која никогаш не заспива

И која бдее дури и тогаш 

Кога телото и’ е меѓу две отсонувани летања

Та се шири и собира

Менува облик по неговото присуство во умот

И некогаш е собрано меѓу две дланки

А некогаш пак се распрснува како вулкан

Кој јаде се’ пред себе

Освен таа мала оаза во која сте еден ум

Едно тело, еден оргазам

Можеш

Дали можеш да ме разбереш

Ако ти кажам дека нема димензија

Во која мојата желба по тебе здивнува

Или барем малку се стишува

И дека времето кое тече меѓу два напишани зборови

Е бесконечна приказна која не се става на хартија

Можеш ли?

Дали можеш да ме разбереш

Ако ти кажам дека два животи со тебе ми требаат

Еден

Во кој се ќе ти раскажам

И другиот

Во кој ќе го одмолчам сето она што во мене вреска

Додека ме измачуваш чекорејќи низ кривината на мојата насмевка

И додека со гласот ми исцртуваш небо полно здивови

Два животи ми требаат драги мој

Ни помалку ни повеќе

За во едниот да ги изживеам 

Дите претходни без тебе минати

И уште еден, овој

Во кој сега ќе те дишам

До последен здив

До последното предавање